| |

ДОКТОРКАТА КОЈА ПРВА ПРИМИ ВАКЦИНА ПРОТИВ КОВИД-19: СЕ ЧУВСТВУВАМ ОДЛИЧНО, БЕЗБЕДНО

Докторката која прва во Македонија ја прими вакцината на „Фајзер“ за заштита од Ковид – 19 по вакцинирањето повика сите да се вакцинираат оти, како што кажа, тоа е единствениот начин да се заштитиме. Вакцинацијата утрово почна во модуларната болница до Инфективната клиника, а се вакцинираше здравствениот персонал токму од Инфективната клиника.

„Ја примив вакцината, се чувствувам одлично, безбедно. Секој од нас во оваа држава треба да прими вакцина по сопствен избор, кој сака ’Фајзер’, кој сака друга, но тоа е единствен начин да се заштитиме. За 21 ден ќе ја примам втората доза, закажан е терминот кога треба да ја примам. Имунитетот се постигнува за две до три недели. Заштитната моќ на оваа вакцина е 95 отсто, се надевам дека ќе бидам во тие 95 отсто“, рече Добринка Наунова Јовановска, примариус доктор инфектолог.

И главната сестра на Инфективната клиника, Габриела Темелковска, чие вакцинирање утрово се пренесуваше во живо, повика сите да вакцинираат за побрзо животот да се врати во нормала.

Министерството за здравство најави дека очекуваат дневно да се вакцинираат по 260 здравствени работници. Здравствените работници од другите градови треба да дојдат во Скопје за вакцинација оти распоредување на вакцините во останатите градови е најавено откако ќе стигнат нови количини.

Извор: Макфакс



Слични Објави