Документарниот филм „Навални“ со учество на бугарскиот новинар Христо Грозев е номиниран за Оскар
Документарецот за рускиот опозиционер Алексеј Навални, во чие создавање учествуваше и бугарскиот новинар Христо Грозев од платформата Bellingcat, е номиниран за Оскар.
Филмот Навални (2021, САД) на канадскиот режисер Даниел Рор го следи Грозев додека ги бара трујачите на Навални.
Во август 2020 година, авион од Томск за Москва слета принудно бидејќи еден од неговите патници Навални беше во животна опасност. Лекарите констатирале дека е отруен, подоцна се испоставило дека отровот е „Новичок“. Документарниот филм ја следи работата на Навални и Грозев кои откриваат агенти на Федералната служба за безбедност (ФСБ) вклучени во труењето, но тие не застануваат тука. Навални им се јавува на секој од нив прашувајќи зошто го направиле тоа.
Филмот ги освои двете клучни награди на фестивалот за незавино кино “Санденс“ во 2022 година во САД. Првата награда е за „Најдобар документарен филм според публиката“ – и секоја година се доделува на филмот кој публиката го оценува највисоко. Втората „Фестивалски фаворит“ – се доделува многу поретко и покажува дека е прв меѓу сите 84 други филмови на фестивалот годинава.
90-минутната продукција за најголемиот критичар на Путин е снимена во Германија кон крајот на 2020 година, кога Навални се опоравуваше од труењето со “Новичок“.
Првично, Даниел Рор имал план да сними филм на друга тема со Христо Грозев, но бугарскиот новинар тргнал по трагата на извршителите на нападот врз Навални. Грозев го контактирал Навални и отишол во Германија да се сретне со него и да му ги пренесе информациите што ги открил. Рор исто така патувал со него и почнал да снима. Излегува дека тимот на Алексеј Навални тогаш веќе размислувал да сними филм – тоа го означува почетокот на нивното заедничко партнерство.
Продукцијата завршува со враќањето на политичарот во Москва во јануари 2021 година. Тој беше уапсен од властите веднаш по слетувањето, а неговата условна казна стана правосилна – 2 години и 7 месеци затвор.
Русија сè уште негира вмешаност во нападот и покрај откритијата, признанијата и независните лабораториски извештаи за нападот со “Новичок“.
