ДОМ: САМО СО РЕВИЗИЈА НА ШТЕТНИТЕ ДУП-ОВИ ЌЕ ИМА И РАБОТА ЗА ГРАДЕЖНИШТВОТО И КВАЛИТЕТЕН ЖИВОТ

//

„Никој не е против градби, туку против безграничната алчност на некои инвеститори и неодговорност на лица од политиката и администрацијата, кои наметнуваат урбана експанзија на сметка на здравјето и квалитетот на живот на граѓаните! Само со ревизија на штетните ДУП-ови ќе има и работа за градежништвото и квалитетен живот.“ Ова е одговорот на ДОМ како зелена партија на реакциите на претставници од бизнисот, кои тврдат дека „ќе пропаднело“ градежништвото поради мораториумот на одредени ДУП-ови, се вели во соопштението на ДОМ.

Да потсетиме, оваа состојба на застој во спроведувањето на ДУП-овите беше нужна заради анализа и поправка на планови кои го узурпираат и гушат просторот, а се надвор од секаков пристоен стандард и услови за еколошки одржливо градење и живеење. Ако инвеститорите и планерите имаат елементарна чесност и граѓанска солидарност, ќе ги испочитуваат барањата на граѓаните.
Секој ДУП може да се направи пристоен и одржлив, со помал габарит и катност на објектите, а со повеќе простор и зеленило меѓу нив! И никој нема да биде во загуба! Ова на дело го покажа Советот на Градот Скопје и градоначалникот Шилегов, кога преку стручната служба и градската комисија за урбанизам донесе 23 регулациски планови, изработени од Агенцијата за планирање на просторот, најголема и најрелевантна институција за просторно и урбанистичко планирање во земјава. Како што најави Шилегов, овие планови прават „доразработка на стандардите во ГУП-от и стеснување на просторот за манипулирање на општините во донесувањето на ДУП-ови.“

ДОМ со години се залага за хумано просторно и урбанистичко планирање, со намалување на степенот на изграденост на земјиштето, со простор меѓу објектите исполнет со зеленило и со сите инфраструктурни содржини неопходни за квалитетно живеење. Затоа и го изработивме Законот за урбано зеленило, кој конечно се донесе на 15 јануари 2018 година. Затоа изработивме и закони за градски архитекти, кои беа одбиени во Собранието во 2012 година и веројатно е сега право време да се поднесат повторно, се вели во соопштението на ДОМ.





Претходна статија

ВИДЕО: Г.ИЛИЕВСКА (ПОИНАКУ): ЅВЕЗДИ КАКВИ ШТО ПРАВЕШЕ ВМРО, СЕГА НЕКОЈ ДРУГ ГИ ПРАВИ

Следна статија

ЗАЕВ-ЈАНКОВИЌ: МАКЕДОНИЈА И СЛОВЕНИЈА ЌЕ ЈА ПРОДОЛЖАТ ЕКОНОМСКАТА СОРАБОТКА

Најново од Вести