ДПИ со контроли за попустите на училишниот прибор, казните за непочитување се од 800 до 10.000 евра
Од денес, тимовите на Државниот пазарен инспекторат излегуваат на терен за да проверат дали трговците ги почитуваат одредбите од владината одлука за задолжително намалување на цените на училишниот прибор. Според оваа одлука, попустот треба да изнесува најмалку 10% во трговијата на големо и 15% во трговијата на мало, и ќе важи од денеска до 15 септември.
Согласно прописите, трговците се обврзани покрај новата намалена цена да ја прикажат и старата цена која важела на 1 јуни 2025 година. Оваа базична цена служи како основа за пресметка на попустот. Дополнително, на влезот во продажниот објект или на друго видно место мора да биде поставен плакат со најмалку А3 формат, со натпис: „Помалку трошоци, повеќе за тебе“ и „Попуст на училишен прибор, најмалку 15%“.
Во наредниот период, инспекторите ќе вршат контроли низ целата држава и ќе постапуваат согласно Законот за трговија и Законот за заштита на потрошувачите. Предвидените казни се движат од 800 до 10.000 евра, во зависност од големината на правниот субјект, а за целосно непочитување на одлуката може да се изрече мерка – привремена забрана за работа во траење од 15 дена.
Државниот пазарен инспекторат упатува апел до сите трговци да ги почитуваат одредбите од владината одлука и да придонесат кон намалување на трошоците за граѓаните.

