| |

Државјанство на глупоста

Владимир Перев

Алберт Ајнштај некаде рекол: Само Вселената и човечката глупост се бесконечни…за Вселената не сум сигурен!

1. 
Светот гори, ни се заканува најголемата енергетска криза позната во историјата, Европа стисната меѓу „чеканот и наковалната“, поточно речено меѓу Америка и Русија, се бори да земе здив и да преживее, Македонија се соочува со енормна сиромаштија (…и на духот), а нашите парламентарци се расправаат и дебаираат за тоа кој има или нема бугарско државјанство. Ќе носеле закон кој ќе ги забрани двојните државјанства на парламентарците и на бираните и именувани лица. Не се знае од кога точно и за кого ќе важи законот, ама ете, се разговара и предлага. Ветар на магла се изјавите за „двојното државјанство“, тука се работи само и единствено за оние кои имаат бугарско државјанство и се учесници во власта. Да разјасниме, тоа не се однесува на сите, тоа важи само за “нивните“, ама не и за “нашите“…притоа не е важно кој се предлагачите, тие и така одамна се “без државкјанство“, барем што се однесува до емоциите и карактерот…за нив важат и тие имаат само “бизнис државјанствата“! 

2. 
Големиот разузнавач Рихард Зорге кога се родил имал азербејџанско државјанство (ако воопшто имало такво, веројатно било на царска Русија), потоа по потекло добил германско, па откако станал советски агент добил и советско, за да разузнава во Британија, Кина и Јапонија. Ама, неговиот главен агент, принцот Коно, бил потомствен јапонски аристократ и имал само јапонско државјанство. Генерал Лафајет се борел за слободата на Америка против Британците, бил француски државјанин, за потоа да стане со американско државјанство,  а за вториот херој, Тадеуш Кошчушко, воопшто не е јасно дали имал некое валидно државјанство. Советскиот генерал Олег Пенковски, воопшто не го интерсувале привилегиите, тој само барал американско државјанство и американска воена униформа. Се вратил во татковината како советски патриот, каде бил стрелан како американски агент. Советските агенти кои се фатени преку него, немале американско или друго државјанство. Еден од најблиските воени и повоени соработници на Тито е Владимир Велебит, дипломат и британски агент. По војната тој ја организира посетата на Тито на Британија и средбата со кралицата Елизабета, за потоа достојно да се повлече и да живее до крајот на својот живот во Велика Британија. 

3. 
Државјанството означува само припадност кон одредена држава и нејзините закони, со права и обврски на единката, но личноста се формира од идејата, идеологијата и во денешни дни од финасискиот интерес. Така е форматирана и припадноста кон државата. Можете да сте државјанин, но идеолошки да сте на сосема другата страна од позициите на “вашата“ држава. Треба само можност за поинаква определба, најчесто преку друго државјанство. 

4. 
Нашата “пресметка“ до двојните државјанства се однесува само на оние со бугарско државјанство, бидејќи само тоа дава возможности за дополнителни огромни бизниси и финансиски привилегии. Тоа е заради фактот што македонските политички неранимајковци живеат во полусветот меѓу македонската беда и бледилото на државата, и европските можности и привилегии кои ги нуди Софија. Тоа е натпревар во срцевината на власта, меѓу оние кои имаат бугарско државјанство и меѓу оние кои не можат да го добијат…да се разбереме, сите сакаат да се бугарски државјани и да прават бизнис, ама сите не можат. Законот во Бугарија на некои тоа не им го овозможува. Од таму произлегува зависта на тие кои го немаат, кон оние кои го имаат. 

5. 
Глупава е парламентарната расправа за двојното државјанство, па ние имаме министер (ка) со дури три джавјанства и никому ништо; законот ќе важел од идниот парламенет (или никогаш)! Впрочем, како ќе се докаже дали некој има бугарско или друго државјанство. Конкретно, за бугарското да кажеме. На пример, јас имам такво, второ државјанство, бугарско од крајот на деведесетите, но никој за тоа нема доказ. Не се знае дали е вистинско, или сум го фалсификувал, како што се говори за некои бугарски државјанства. Не се знае дали сум го земал од национални, идејни или идеолошки побуди и не се знае каде и како го користам. Сите сакаат да видат списоци со имиња на бугарските джавјани во Македонија (Северна) ама таков список до сега не е појавен. Не дека не се барало. За тоа нешто сум се залагал и јас лично, сум барал список, пројавувајќи намера (на мој трошок) да го објавам како подлисток во македонските дневни весници, но никој не ми го доставил. Ајде да речеме (и е точно) дека јас не сум важен, ама тоа го бара и европратеникот Андреј Ковачев, тоа го бара и сега актуелната претседателка Илијана Јотова, тоа го кажува и (веројатно) идниот премиер Румен Радев, ама списокот го нема. Некои од нас во меѓувреме добиваат државјанства, ама нема материјален доказ, нема свеченост, нема бугарски знамиња, нема ништо…само гол акт, даден без обврски. Не е важна ниту изјавата дека некој “се чувствал б’лгарин, како и неговите предци“, зад изјавата треба да се има семејни документи, кои никој од нас обичните граѓани не ги видел. Бугарските архиви ги имаат, ама за македонските осветољубиви и завидливи парламентарци, таму документите се чуваат “зад девет брави“! 

6. 
Постои една интересна можност. Тоа е земање изјави и документи од посредниците за вадење пасоши, ткн. “паспортна мафија“. Да им се организира една “вартоломејска ноќ“, сите да бидат приведени, да им се одземат компјутерите и документите, па така да се дојде до податоци, барем за оние кои “се понижиле и извршиле национално предавство“ барајќи бугарски пасош. Ама и тоа не е точно, посредниците имаат документи кој барал пасош, ама немаат документ кој навистина добил. Баратели, од Македонија и од оваа Северна, се многу…

7. 
Човечката злоба, завист и нетрпеливост кон другиот, се општопознати нешта, но тие негативни квалификативи на секое општество, но сега, во Македонија ќе ја доживеат својата парламентарна парада. Парламентот, спуштен на ниво на социјалните мрежи, ќе расправа за општопознати работи и факти, нешта за кои не се расправа во ниту една современа држава. Затоа некои, во други држави, се тепат во парламентарната сала. Нашиве нека барем се истепаат, нека се повредат (емоционално и карактерно) или барем нека се “самоповредат“ (омилениот збор на Мицко), за задоволството на плебсот биде комплетно, а ниските страсти на функционерите смирени. Тоа нека биде катарзата на нашето безумие. 

Ништо нека не решаваат, нека го остават проблемот отворен и нерешен, како и повеќето проблеми во нашата држава. Секое решение за “бугарските пасоши“, или за пасошите од било која држава, ќе биде “пасош за нашата глупост“

Немате ли чувство дека од некаде, кон крајот на Вселената, нас не гледа духот на Ајнштајн и ни се потсмева…

Слични Објави