ДС ПОДНЕСЕ ПРЕДЛОГ ЗА ИЗМЕНИ НА ИЗБОРНИОТ ЗАКОНИК: МАКЕДОНИЈА ДА БИДЕ ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА И ДА НЕМА ИЗБОРЕН ПРАГ
Павле Трајанов, пратеник и претседател на Демократскиот сојуз (ДС), ги достави предлог измените на Изборниот Законик за на мислење до сите пратеници, со цел да можат да се искажат свои ставови и сугестии по истите.
Со нив се предлага Македонија да биде една изборна единица, да остане пропорционалниот модел, да нема изборен праг и пресметката за избор на пратеници да се одвива со Донтовиот количник.
– Со измените се очекува составот на Парламентот да биде реален одраз на определбата на граѓаните, да се зајакне владеење на правото, да се развиваат демократските процеси и создадат услови за системски промени во државата. Врз основа на досегашните консултации, поголемиот број од партиите се за Македонија да биде една изборна единица (останува и можност тројца пратеници да бидат нашите иселеници), но има размислувања да имаме и отворени листи, да има изборен праг и сл., се вели во соопштението на ДС.
По сумирање на забелешките, се очекува идната недела повеќе пратеници да бидат предлагачи на измените во Изборниот Законик.