| |

ДУХОВНО БУДЕЊЕ ВО ИМЕТО НА ОТЕЦОТ И СИНОТ И СВЕТИОТ ДУХ АМИН

Согледувајќи ја откриената од Бога вистина во Светото Писмо на Стариот Завет и Светото Писмо на Новиот Завет, напишано од богоизбрани и боговдахновени свети апостоли и пророци, ние без никакви потешкотии, многу јасно можеме да ги воочиме, природните и противприродните вредности и состојби кои што се сретнуваат кај човекот. Па, така еве ни пример за да знаеме како најлесно да се ориентираме во животот, во зависност дали сакаме да се стекнуваме со природни вредности утврдувајќи се во доброто или со противприродни вредности утврдувајќи се во злото. На нас останува само да одлучиме по кој пат ќе чекориме. Многу убав пример, за наше утврдување во доброто, наоѓаме во Светото Писмо на Новиот Завет, во Евангелието според апостолот и евангелист Матеј, каде што се вели: „Бидете совршени како што е совршен вашиот Отец небесен“ (Мт. 5,48). Ние не сме совршени по природа и не можеме да бидеме, тоа е само Бог, но сепак, бидејќи сме создадени според неговиот образ и подобие, можеме да се стремиме кон совршенство, а тоа е вечниот живот, а најдобриот начин за тоа е исполнување на Божјите заповеди кои ги наоѓаме во Светото Писмо. Тоа ни помалку ни повеќе би означувало да имаме братска љубов кон сите, да сме милосрдни, милостиви, благодарни, скромни, смирени, искрени,трпеливи, љубов да имаме кон Бога како наш создател и како кон наш Отец да имаме страв од него. Едноставно кажано во нашите помисли, зборови и дела, да се трудиме да не гаиме никакво зло, кон никого и за ништо. Свети Григориј Ниски вели: „Бидејќи доброто нема граници, тогаш овој стих, оваа заповед, означува, усовршувајте се во доброто до бескрај.“ На тој начин стремејќи се кон ова, ние во текот на нашиот живот на земјата, би живееле во мир и духовна благосостојба и би го придобивале Царството Божјо и вечниот живот. Исто така, добар пример може да видиме во Светото Писмо на Новиот Завет во Светото Евангелие според евангелистот и апостол Матеј, каде што вели: „Оти, со каков суд судите, со таков ке бидете судени; со каква мерка мерите, со таква ќе ви се мери“ (Мт. 7,2). Овде, во овој стих, ни се кажува дека на сите луѓе браќа и сестри наши во Христа Бога, со какви очи гледаме, тоа што им посакуваме на нив, тоа што им правиме на нив, на таков начин и Бог ќе гледа на нас, кога ќе се упокоиме и претставиме пред Бога. Ни помалку ни повеќе, можеме да заклучиме од ова место, водејќи богоугоден и со љубов исполнет живот кон сите наши браќа и сестри, во Христа Бога, не само што го придобиваме небесниот живот, туку и животот на земјата и овој свет би биле порадосно место за живеење, исполнето со мир и духовна благосостојба.

Двата стихови од Евангелието според светиот апостол и евангелист Матеј, кои што погоре ги спомнав можат да ни послужат како пример да низ нив го согледаме патот по кој ние се движиме. Би можело да се однесува, индивидуално, за секој посебно, или колективно како општество односно народ. Кога велиме индивидуално, секој сноси одговорност сам за себе, но кога ќе кажеме колективно, тогаш од нас избраните, народните избраници ја имаат задачата и ја сносат одговорноста, да одлучуваат за правецот по кој ќе го водат ова општество. Исто така, преку овие два стиха можеме да видиме во кој правец ние се движиме и во што се утврдуваме како општество дали во добро или зло, преку одлуките донесени од нашите народни избраници. На тој начин да согледаме за каков пример ни послужуваат нашите народни избраници, и какви водачи се, од една страна и од друга страна да размислиме кого го одбираме и на кого му ја даваме нашата доверба да го води ова општество.

Сега секогаш, и во вечни векови. Амин.

Автор: Борис Каревски

Слични Објави