ВЕЉАНОСКИ НА РАСПИТ ВО ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЗА ГОНЕЊЕ ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ

Поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, утрово се појави на распит во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Тој не влезе низ официјалниот влез на обвинителството туку низ еден од споредните влезови во зградата.

Тој е еден од петтемина осомничени организатори и осмислувачи на упадот во Собранието на 27 април 2017 година. За него во февруари обвинителството побара, но судот не определи притвор бидејќи Собранието не му го одзеде пратеничкиот имунитет.

Вештачењето на телефонот на Вељаноски, што беше дел од судењето за крвавиот четврток, покажа дека до или од неговиот телефон се испратени 4 пораки до Никола Груевски пред и на денот на крвавиот четврток.

Во моментите кога е избран Талат Џафери за претседател на Собранието, Вељаноски побарал од Илија Димовски пратеници да му го чуваат кабинетот. На Никола Тодоров, пак, му испратил порака да се собере народ. По настаните Вељаноски интензивно комуницирал со пратеникот Крсто Мукоски и со шефот на обезбедувањето, Горан Ѓошевски Леви, и двајцата неправосилно осудени.

Извор: Макфакс