Дурмиши: „Училишната кошничка“ ќе донесе заштеда и еднаков старт за сите ученици

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска ја претстави новата владина мерка „Училишна кошничка“, чија цел е намалување на трошоците за училишен прибор и заштита на семејниот буџет пред стартот на новата учебна година.

„Образованието мора да биде еднакво достапно за сите, без оглед на приходите. Со оваа мерка сакаме секое дете да почне со училишните обврски под еднакви услови, а родителите да почувствуваат конкретно олеснување,“ изјави Дурмиши.

Владата, согласно член 29 од Законот за трговија, вчера усвои одлука за утврдување на највисоки цени на училишен прибор во малопродажба и големопродажба, која ќе важи од 15 август до 15 септември 2025 година.

Одлуката предвидува намалување на цените најмалку за 10% во трговијата на големо и 15% во малопродажба. Мерката се однесува на сите видови продавници што нудат училишен прибор – книжарници, супермаркети, па дури и спортски продавници.

Ќе бидат опфатени тетратки, ранци, моливи, боици, фломастери, калкулатори, ножици, лепак, папки и други основни материјали. Секој производ ќе биде означен со натписот „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, а продавниците ќе постават информативни плакати за мерката.

Цените ќе се споредуваат со референтната цена од 1 јуни 2025 година или со набавните документи за поново внесените производи, со цел намалувањето да биде реално, проверливо и фер.

Дурмиши потсети дека минатогодишната „Училишна кошничка“ донесе заштеди од 750 до 2.000 денари по ученик, што значело повеќе можности за децата и помал финансиски притисок врз родителите.

„Продолжуваме со следење на состојбите и подготовка на нови мерки, секогаш во интерес на граѓаните. Образованието треба да почне со насмевка – а ние сме тука тоа да го овозможиме,“ порача министерот.

Слични Објави