ДУШАН БРАНКОВИЌ- ЧОВЕКОТ ШТО ПОВЕЌЕ ОД 60 МЕСЕЦИ ПРОТЕСТИРА ПРОТИВ СУДСКИТЕ НЕБУЛОЗИ ВО НАШАТА ЗЕМЈА

//

Чичко Душан има 73 години и веќе 5 години протестира мирно пред Министерството за правда, Врховниот суд, Спеџијалното Јавно Обвинителство, а денеска и пред седиштето на Владата, против судските неправди на како што тој вели станал жртва. Токму пред Владата се сретнавме со овој пропатен човек. Го прашавме за причините за неговиот протест и еве што ни раскажа:

„Во 1949 г. со акт на експропријација во корист на Тутунскиот комбинат-Скопје, била одземена парцела на мојата баба Трајанка Стојанова. Тринаесет години подоцна со решение на Општина Кисела Вода, истата таа парцела повторно се одзема од мојата баба, иако таа веќе не е сопственик и му се доделува на претпријатието Јавор Скопје. Во 1973 г. со пресуда на Врховниот суд на Македонија спорното земјиште се враќа во сопственост на Трајанка Стојанова. Дури во 1996 година, Агенцијата за катастар на недвожности издава поседовен лист на име Стојанова Трајанка.
Во 2003 година покренавме судска постапка, каде првостепениот и Апелациониот суд донесоа одлуки во корист на тужениот „РО 29 Ноември“, но по ревизија, Врховниот суд ја врати постапката.
По спроведени неколку вештачења, првостепениот суд, донесе пресуда со која го уважи тужбеното барање, со што тужениот треба да плати повеќе од 23 милиони денари на име на основано збогатување. Апелациониот суд ја преиначи оваа пресуда, а Врховниот суд ја одби ревизијата како неоснована.
Врховниот суд го наведува како основа за носење на одлука општинското решение од 1962 година. Јас прашувам како е можно да не се земе за релевантна пресудата од 1973 година. Се жалев во Судскиот Совет на Р.М но од таму ми одговорија дека Врховниот суд постапил правилно. Само да потсетам дека во тоа време претседателката на Врховниот суд беше член и во Судскиот Совет.

Поднесовме барање за поништување на решението од 1962 година. Службата за имотно правни работи го поништи решението, но само 9 месеци подоцна раководителот во Министерството за финансии, надлежен за имотно правни работи. господинот Зоран Крстаноски, испрати допис до Општина Кисела Вода за да го испитаат своето сопствено решение. По овој допис, одделението го поништи сопственото правосилно решение. Владата, Управниот суд и Вишиот управен суд, донесоа пресуди со кои се одбива нашата тужба, иако како доказ беше доставено мислење од Правниот факултет каде се наведува дека ваквото решение е ништовно и не е валидно.
Упативме допис и до Министерството за финансии, каде што се жалевме за постапката на нивниот вработен Зоран Крстаноски, на што добивме одговор потпишан од самиот Зоран Крстаноски. Воедно со тоа во изминатиот период додека траеа овие постапки АД „29 Ноември“ Скопје, ни поднесе пријава до ПИОМ, дека мајками е почината а јас покажувам друга стара жена за да можам да ја користам нејзината пензија. Покренав тужба за навреда и клевета која беше одбиена како неоснована“- ни раскажа чичко Душан.

На крајот од нашиот разговор тој ни го постави прашањето„како со вакво судство, Македонија ќе стане дел од ЕУ“, ние не успеавме да му дадеме одговор. Тој ни кажа дека ќе продолжи да протестира додека не се избори за својата правда.



Претходна статија

ПРЕГОВОРИТЕ СО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ЌЕ ОБЕЗБЕДАТ ПРОДОР НА ЕВРОПСКАТА ИДЕЈА НА БАЛКАНОТ

Следна статија

ГДУ БАРА РАСЧИСТУВАЊЕ НА СЛУЧАЈОТ СО НОВИТЕ БОМБИ ШТО СЕ ПОЈАВИЈА НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ

Најново од Вести