Два објекта во Бугарија добиваат Знак за европско наследство за 2025 година
Европската комисија објави 13 нови објекти што го добиваат Знакот за европско наследство за 2025 година како признание за нивната клучна улога во историјата и културата на Европа, јавува БГНЕС.
Бугарија е претставена со два објекта — праисторискиот комплекс Провадија и проектот „Места на мирот“ – европска мрежа од објекти во Бугарија (Кајнарџа), Португалија, Шпанија, Франција, Унгарија, Словачка и Хрватска, каде меѓу 13. и 19. век биле склучувани мировни договори.
Знакот за европско наследство е водечка иницијатива на програмата „Креативна Европа“ и ги одликува објектите што имале длабоко влијание врз историјата, културата и развојот на Европската унија.
67 објекти добиле Знак за европско наследство во претходните години. Оваа година се одбележува значително зголемување на одликуваните објекти, при што најголемиот број добитници од 2014 година наваму ја истакнува важноста на секторот култура.
13-те објекти беа избрани од комисија од независни експерти од список со 21 одобрен кандидат. Победниците ќе бидат поканети на церемонијата за доделување на наградите „Знак за европско наследство“, што ќе се одржи на 22 април во Брисел во присуство на комесарот Глен Микалеф.
БГНЕС потсетува дека Провадија е најстариот центар за добивање сол и урбан центар во Европа. Стара е 6500 години, а точната датировка се истражува од научници во Оксфорд. Во минатото солта ја имала улогата на првите пари. Поради неа се воделе војни. Камени бастиони и камени ѕидови од 4700–4200 г. пр. н.е., со дебелина од два и три метри, се најраните и најмасивни утврдувања од праисторискиот период документирани досега во цела Европа.
