Два устави, еден конфликт – уставните модели како извор на недоразбирање
Игор Билбиловски, претседател на здружение „Наследство“-Скопје
Во јавните расправи за уставни модели, малцински права и самоидентификација, честопати се зборува со емоции, а многу поретко со факти. Наместо да се обидуваме да се надвикаме едни со други, можеби е покорисно трезвено да ги погледнеме различните уставни решенија што постојат во регионот и да разбереме дека тие се производ на различни историски, политички и општествени околности. Еден од тие примери е и разликата меѓу уставниот модел на Бугарија и оној на Македонија.
Бугарскиот устав, односно Уставот на Република Бугарија од 1991 година, се темели на граѓански, а не на етнички модел. Според него, носител на суверенитетот е народот на Бугарија сфатен како заедница на граѓани, а не како збир на посебни етнички колективи. Уставот не набројува етнички народи, но многу јасно утврдува дека сите граѓани, без оглед на нивното етничко потекло, вера, јазик или начин на самоидентификација, имаат еднакви права и слободи. Забранета е секоја форма на дискриминација, а гарантирани се правото на слободна самоидентификација, правото на здружување, правото на културен и духовен развој, како и правото на користење на мајчин јазик во приватниот и културниот живот. Со други зборови, правата во бугарскиот уставен систем се индивидуални и универзални и не зависат од тоа дали одреден народ е експлицитно уставно наведен.
Македонскиот устав, пак, почива на поинаков уставен модел. Тој е изграден врз комбиниран граѓанско-етнички принцип, каде што покрај граѓаните како носители на суверенитетот, експлицитно се наведуваат и одделни народи и заедници – Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и други. Во таков модел, дел од правата и механизмите за нивна заштита се поврзани со колективното уставно признавање на заедниците како уставна категорија.
Токму поради оваа разлика, во Бугарија правата произлегуваат пред сè од граѓанството, додека во Македонија дел од правата произлегуваат и од етничката припадност како уставно дефинирана категорија. Суштинската разлика може да се сведе на следново: бугарскиот устав поаѓа од принципот „сите се еднакви граѓани“, додека македонскиот устав вели „граѓаните се еднакви, но некои заедници се уставно именувани“.
Токму во оваа разлика на уставните модели лежи и коренот на голем дел од недоразбирањата и конфликтите во јавниот дискурс. Значаен број граѓани во Македонија не ги прават или не ги разбираат разликите меѓу граѓанскиот и комбинираниот етничко-граѓански уставен модел. Поради тоа, кога македонските Бугари бараат да бидат впишани во Уставот на Македонија со цел да остварат колективни права еднакви на другите уставно наведени заедници, тоа често се доживува како политичка провокација, а не како уставно-правно прашање. Во таа логика, неретко се појавуваат и коментари од типот „прво Македонците во Бугарија нека бидат внесени во бугарскиот устав“, без да се земе предвид дека бугарскиот уставен модел воопшто не функционира на принцип на уставно набројување на народи. Така, наместо суштинска расправа за права и еднаквост, се создава круг на меѓусебни обвинувања, недоверба и продлабочување на конфликтот, кој во голема мера произлегува од различно уредени уставни системи, а не од реална закана за нечиј идентитет или државност.
Важно е да се нагласи дека оваа разлика сама по себе не значи дека едниот модел е подобар, а другиот полош. Станува збор за различни уставни филозофии – граѓанска наспроти комбинирана етничко-граѓанска – кои се обидуваат на различен начин да одговорат на прашањата за еднаквост, идентитет и соживот. Проблемот не настанува од постоењето на различни модели, туку од одбивањето тие да се разберат и од тенденцијата секоја уставна логика да се толкува како закана, наместо како различен пристап кон истото прашање: како да се обезбедат права, достоинство и еднаквост за сите граѓани.

