|

Дваесет и една година од потпишувањето на Рамковниот договор

На денешен ден во 2001 година беше потпишан Охридскиот рамковен договор, во претседателската резиденција на Водно во Скопје од страна на тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, како и тогашните лидери на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ПДП, Имер Имери и на ДПА, Арбен Џафери. Свои потписи на договорот ставија и специјалните претставници на ЕУ и на САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју.

„Една современа демократска држава, во природниот тек на својот развој и созревање, мора постојано да обезбеди нејзиниот Устав целосно да ги исполнува потребите на сите нејзини граѓани во согласност со највисоките меѓународни стандарди, коишто и самите постојано се развиваат. Развојот на локалната самоуправа е од суштествено значење за поттикнување на учеството на граѓаните во демократскиот живот, и за унапредување на почитувањето на идентитетот на заедниците“ – пишува во документот.

Договорот содржи и три Анекси: А. Уставни амандмани; Б. Измени во законодавството и Ц. Имплементација и мерки за градење доверба, како и завршни одредби.

Во контекст на спроведувањето на Договорот, во 2004 година беше основан Секретаријат за спроведување на Охридскиот рамковен договор, којшто подоцна прерасна во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. Секретаријатот имаше задача целосно да го спроведе договорот и да обезбеди административна и стручна поддршка на заменик претседателот на Владата задолжен за спроведување на Охридскиот рамковен договор.



Слични Објави