Двајца Бугари меѓу најдобрите 10 балкански спортисти за 2025 г.
Бугарскиот кревач на тегови Карлос Насар го освои третото место во 52-то издание на традиционалната анкета „Спортист на Балканот“ за 2025 година. Тој собра 41 поен и се најде меѓу најуспешните спортисти во регионот, зад романскиот пливач Давид Попович и српската кошаркарска ѕвезда Никола Јокиќ, јавува БГНЕС.
Во текот на 2025 година Насар имаше извонредна сезона. Ја освои светската титула во категоријата до 94 килограми со светски рекорд во оттурнување, а на Европското првенство во категоријата до 96 килограми освои златен медал и постави нови светски рекорди и во вкупниот резултат и во оттурнувањето. Со овие резултати Бугарија повторно се потврди како една од водечките балкански сили во кревањето тегови.
„За мене е голема чест повторно да бидам номиниран за ‘Спортист на Балканот’ и да стојам покрај едни од најдобрите спортисти во светот. Им благодарам на сите што гласаа и ме поддржаа“, изјави Насар.
Првото место го освои Попович со 70 поени, откако во сезоната ги освои светските титули на 100 и 200 метри слободен стил. Тоа е негов втор триумф во оваа престижна анкета по успехот во 2022 година.
Втор е Јокиќ со 46 поени. Центарот на Денвер Нагетс одигра уште една силна сезона во НБА, подобрувајќи повеќе статистички показатели и дополнително зацврстувајќи ја својата позиција меѓу најдобрите играчи во лигата.
Во првите десет се најде и уште еден Бугарин — одбојкарот Александар Николов е седми со 23 поени. Тој беше најефикасен играч на Светското првенство и ѝ помогна на бугарската репрезентација да освои сребрен медал.
