| |

ЏАФЕРИ : НАПРАВЕНА Е НЕПРАВДА СО НЕДОБИВАЊЕТО ДАТУМ ЗА ПОЧЕТОК НА ПРЕГОВОРИТЕ

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска учествуваше на деветтиот состанок на претседатели на парламенти на земјите од Југоисточна Европа за проширувањето на ЕУ, што се одржува во Будимпешта, Унгарија. Во рамките на конференцијата, претседателот Џафери имаше и обраќање пред почитуваниот форум.

„Драго ми е што можам во мое лично име и од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија, да се обратам на оваа Конференција пред моите колеги, претседатели на Парламентите на земјите од Југоисточна Европа и Вишеградската група, и да изразам длабока почит за вашата константна поддршка и искрено пријателство, за што е потврда и вашето присуство тука и Заедничката декларација, производ на овој форум. Убеден сум дека Декларацијата ќе биде проследена и прифатена со најдобрата намера, како што е и замислена.

Последните настани во однос на нашите очекувања за почеток на преговорите за членство во Европската Унија за жал не разочараа, затоа што не се оствари тоа што се очекуваше и покрај 10-те препораки на Европската унија и оптимистичките заклучоци на Советот на ЕУ во 2018 и 2019 година заради кои и очекувавме признание за спроведените реформи и за сериозните политички одлуки на земјата за исполнување на тие предуслови. Сметавме дека позитивната одлука за почеток на преговорите ќе значеше и поддршка и охрабрување на процесот на реформите на нашата држава, меѓутоа во исто време ќе испратеше и силна порака до сите други во регионот дека, тешките одлуки се вреднуваат и дека тие претставуваат влог во подобра иднина за актуелните и следните генерации. За време на Самитот на Европската унија беше потврдено истото од земјите членки на ЕУ дека ние ја исполнивме доследно нашата домашна задача, меѓутоа понатаму не можевме да направиме ништо во дадениот момент. Познат ни е принципот на донесување на одлука во ЕУ, односно тоа мора да биде со консензус од сите земји членки и тоа го почитуваме иако, во нашиот случај тоа веќе претставува камен на сопнување. Имено, ако се водиме по силните зборови на поддршка од високите претставници на Европската унија и сите наши меѓународни пријатели, дека ни е направена неправда со недобивањето датум за почеток на преговорите, тогаш се подразбира дека одговорот се крие зад некој друг мотив.

Доколку тоа се нерешените внатрешни прашања на самата Унија и потребата од преиспитување на методологијата за пристапните преговори, разбираме и охрабруваме да се најде заеднички јазик што е можно побрзо меѓу лидерите на земјите членки меѓутоа, менување на правилата или поставување на нови услови за играчите во една одамна започната игра или апликација, по надминување на незамисливи пречки, по донесување на исклучително тешки државнички одлуки кои направија длабоки поделби во нашето општество, на тоа не можеме да се согласиме ниту пак можеме да бараме согласност од нашите граѓани. Затоа што, единствено водени од фактот дека ние географски меѓутоа и цивилизациски сме дел од Европа а базичните документи на Европската унија предвидуваат дека секоја држава на континентот може да аплицира и да стане членка на Унијата ако ги исполни условите, а тоа несомнено го направивме, нашите граѓани беа со нас и не подржуваа во постигнувањето на нашите стратешки цели утврдени уште од осамостојувањето на земјата и во ниту еден момент, без оглед низ какви премрежија поминувавме како држава, ентузијазмот за членство во ЕУ и НАТО не спласна. Затоа, за нас се неприфатливи какви било евентуални алтернативи на процесот за приклучување за кои постоеја некои размислувања на состаноците во Брисел и Луксембург, дека можеби треба да бидеме ставени во некоја категорија на соседство на Европската унија. Покрај тоа, за добивање на дополнителен легитимитет во понатамошното делување, политичките лидери решија да го вратат мандатот кај граѓаните и да ги повикаат да се изјаснат на предвремени парламентарни избори за понатамошниот пат на земјата, иако можам одговорно и со сигурност да ви кажам – за нас не постои друга алтернатива освен таа што е зацртана од осамостојувањето на земјата, односно полноправно членство во ЕУ и НАТО, уште поревносно продолжување со реформите, за доброто на нашите граѓани, за напредокот и развојот на нашата земја, за Европа во Република Северна Македонија“, рече во своето обраќање, претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Слични Објави