ЕДИ РАМА ДО АЛБАНЦИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА И ДИЈАСПОРАТА: ОДВОЈТЕ ПЕТ МИНУТИ И ПОПИШЕТЕ СЕ

//

Албанскиот премиер Еди Рама преку видеопорака ги повика Албанците од Северна Македонија, во дијаспората да се попишат на пописот на населението, домаќинствата и становите.

Тој наведува дека им се потребни само пет минути за да се попишат, бидејќи со тоа „ќе се процени и уставната моќ на Албанците“.

– Браќа и сестри Албанци, денес треба да бидете горди на тоа колку напредувате во правата во пријателската земја. Доброто нема крај, но доволно е да погледнеме наназад пред само неколку години, за да видиме какви чекори презедовме за афирмација на правата во таа република, наведува Рама.

Дневната политика, како и секаде, додава тој, ве дели по различни прашања и мислења, но тоа во „никој случај не треба да ве спречи да го видите албанскиот идентитет за една кауза како и сите“.

– Никој од вас, без разлика каде и да сте, не треба да отсуствува во новата регистрација во Северна Македонија. Претходниот попис беше намерно прекинат. Знаете, подобро од кој било знаете дека уставната моќ и одлучувањето во таа држава зависи од бројот на албанските граѓани во Македонија. Од вас не се бара да ја земете пушката и да се искачите на планината или да ја земете лопатата, туку да потрошите само пет, а не повеќе минути, порачува Рама.



Тој ги советува Албанците да седат пред компјутер или телефон да ја отворат апликацијата и гордо да го напишат нивното име, на нивниот татко и мајка, кои ги родиле Албанци.

– Пријатели, ние Албанците имаме голем дефект, не ја цениме големата тежина на еден синџир ситници. Како последица на тоа секојдневно ги губиме тие битки како една голема нација. Така плаќајќи големи сметки во ваквите битки. Утре цената на оваа загуба ќе биде поголема. Пред да јадете вечера денес, седнете и извршете ја домашната задача. Ви посакувам се најдобро во вашето семејство и Бог да ги благослови Албанците, порачува Рама во видео пораката.

Ова е последователна порака на Рама до Албанците од македонската дијаспора, по онаа која ја упати од средбата со македонскиот вицепремиер Артан Груби, кој деновиве престојуваше во Тирана.

Претходна статија

ГАШИ ДО ЗАЕВ: ДО КОГА МОНОЕТНИЧКИ СРЕДБИ, СЕ ОТКАЖА ЛИ ОД „ЕДНО ОПШТЕСТВО ЗА СИТЕ“?

Следна статија

РУСКОСКА: ИМАМЕ СОЗНАНИЈА ДЕКА АКЦИЈАТА ВО ГРЧЕЦ НИ Е ПРОБИЕНА

Најново од Вести