ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА ИЛИ ОТВОРЕНИ ЛИСТИ?
Претседателот Пендаровски во интервју во септември изјави дека ја поддржал иницијативата на помалите партии Македонија да биде една изборна единица и што е уште поважно, да има отворени или барем полуотворени изборни листи, за самите граѓани со својот глас да одлучуваат кои кандидати од листите ќе станат пратеници. Иако јавно СДСМ биле за, ДПМНЕ и ДУИ биле против ова, па затоа, за жал, нашите партии се сѐ уште центри на лидерите. Кај сите партии, освен кај лидерите на големите партии, доминантна била волјата за воведување на отворени изборни листи, и кога би се вовеле би имале поголема плуралност на политичките интереси во Собранието, без прелевање на гласови на граѓаните од помалите партии. Затоа треба да се оди со отворени листи, и со преференцијалните гласови граѓаните да ја направат структурата во парламентот, а не лидерите на партиите. Секоја чест за претседателот Пендаровски и неговата изјава, останува да се види колку лидерите на големите партии ќе имаат слух за ова.
Сепак, она што мене ми боде очи е што во својата иницијатива за промена на изборниот модел помалите партии акцент најмногу ставија на воведување една изборна единица, додека за отворените листи велеа дека сѐ уште е рано, дека има можни негативни последици итн, со што мислам дека само наменски одработија за лидерите на големите партии, формално да се спомнуваат отворените листи како иницијатива за промена на изборниот модел, ама така – тоа да не се оствари.
Кај луѓето објективно се поставува прашањето што е разликата и што е поважно при промената на изборниот модел, една изборна единица или отворени листи? Дали мора да се прават двете промени заедно или може одвоено, една по една? Ќе се обидам со мала анализа ова да го објаснам, максимално поедноставено.
За отворените листи во повеќе наврати објаснував и пак на кратко ќе кажам, дека тие се неопходни што поскоро како спас од мафијашкиот изборен систем со затворени листи, во кој се во највисоките државни кругови и институции зависи од лидерите на партиите, а посебно од лидерите на победничките партии од македонскиот и албанскиот блок, почнувајќи од пратениците во собранието, преку министрите во министерствата и нивните тимови, директорите во јавните претпријатија и нивните тимови, итн. На тој начин лидерите ја заробуваат државата и сѐ се става под нивна контрола, системот на квалитет не е важен и квалитетните луѓе се оставаат на страна, а во преден план излегуваат најпослушните и најлојалните луѓе, најчесто со мали или никакви квалитети, и стручни и човечки. Сето ова веднаш се решава со само еден потег – измена на изборниот закон и воведување на отворените изборни листи, со што веднаш квалитетот ќе избие во преден план, и насекаде ќе се бараат најквалитетните луѓе за да се остваруваат што подобри резултати и да се остваруваат изборните ветувања, зошто само така граѓаните повторно ќе гласаат за некои пратеници и лидери. Ова значи подобрување на животот во Македонија во сите области, приближување до стандардите на ЕУ, и минимизирање на иселувањето на младите од Македонија. Значи – сѐ најдобро за граѓаните, и право злосторство е што отворените листи не се воведуваат, што личните интереси на лидерите и полтроните околу нив се ставаат пред интересите на сите граѓани и државата.
Многу помалку анализирана е опцијата со воведувањето на една изборна единица во ситуација на постоење на затворени изборни листи. Што ќе се промени и кој ќе добие во таа ситуација? Единствени кои ќе добијат се лидерите на помалите партии кои не освојуваат доволен број гласови за пратеник во секоја изборна единица посебно, а кои инаку би освоиле барем еден пратеник ако е една изборна единица. Гласовите за овие помали партии би биле спасени, но чив предлог е тој пратеник, чив човек е тој? Секако не на граѓаните – туку на лидерот на помалата партија, и најчесто тоа е тој самиот, зошто тој се става себе на прво место на листите. Така наместо 4 или 10 лидери, судбината на граѓаните ќе ја кројат можеби 15 или 20 лидери, но каква разлика тоа прави за нас граѓаните? Дали 4 или 20 лидери, сите тие пак ќе инсталираат во собранието и државните институции свои послушни луѓе, полтрони кои само ќе треба слепо да ги извршуваат нивните налози и да ги бранат нивните лични интереси. И дури тогаш во парламентот ќе се отвори вистинска берза на пратениците од помалите партии, кој во која коалиција да се продаде што поскапо, зошто на така избраните пратеници логично поважни им се личните и интересите на лидерите – отколку на граѓаните. Повторно заробена држава со послушни пратеници контролирани од лидерите, и скоро никаква разлика од системот со шест изборни единици.
Затоа една изборна единица без отворени листи е катастрофа варијанта, и затоа голема грешка (намерна или не) на лидерите на помалите партии е што во иницијативата се залагаа само за итно воведување на една изборна единица, а отворени листи – понатаму, сега не е време. Затоа најважна цел на сите прогресивни граѓани и партии во Македонија треба и мора да биде – итно воведување на ОТВОРЕНИ ИЗБОРНИ ЛИСТИ !
И самиот претседател Пендаровски искрено и отворено го кажува ова, и ги поддржува отворените изборни листи, ама како што гледаме – медиумите за оваа тема молчат, не ја ставаат во прв план иако е очигледна нејзината огромна важност за државата и граѓаните, што значи дека и тие се под контрола на лидерите – богови на партиите. Единствена надеж за итно воведување на отворени изборни листи и нормализирање на државата е почетокот на преговорите со ЕУ, и поставување на таа цел во едно од првите поглавја од преговорите – политичкиот систем. Ако ова не се направи – тешко нам, и нека ни е на здравје заробената држава од малите богови!
Автор: Елизабета Најдоска Величкова