Едниот трча на патеката, другиот се загрева
Пишува: Коста Филипов
Остануваат околу четиринаесет месеци до претседателските избори во РС Македонија. Тие најверојатно ќе се одржат во април 2024 година бидејќи тогаш истекуваат уставните пет години од мандатот на претседателот. Известував за последните избори за БНТ на 5 мај 2019 година, кога Стево Пендаровски, кандидатот на владејачката партија Социјалдемократски сојуз (СДСМ) беше избран за шеф на државата.
Големиот проблем тогаш беше дали одѕивот на гласачите ќе ја надмине границата од 40 проценти за изборите да бидат легитимни. Половина час пред крајот на изборниот ден бевме во седиштето на СДСМ за интервју со Пендаровски, а од смиреноста со која не пречека ни стана јасно дека „цензусот“ со излезноста на гласачите бил надминат и дека се наѕира изборна победа. Половина час подоцна, неговите соработници ги донесоа прелиминарните резултати од гласањето кои покажаа дека тој ќе биде следниот претседател на Република Северна Македонија.
Оттогаш будно ги следам постапките на Пендаровски како претседател. Се осмелувам да кажам дека тој ја започна кампањата за вториот мандат уште од првиот ден кога влезе во својот кабинет и во резиденцијата под ридот Водно во Скопје. И со однесувањето и со говорот, со колебливоста и умереноста, тој ја следеше линијата на угодување на своите избирачи, кои пет години подоцна очекува повторно да гласаат за него. Не е важно дали ќе биде предложен и поддржан од СДСМ или ќе се појави на патеката во некоја друга форма, бидејќи тој веќе е на патеката, па дури можам да кажам дека води барем со еден круг пред неговиот главен претендент, кој и да е тој.
Стево нема сериозни гафови, во еден момент покажа одредени двоумења по патриотска линија, кога се обиде да се вмеша во спорот чиј и е и каков бил Гоце Делчев, но брзо се созеде и се врати во колосек. Внимателен е со Албанците, без чии гласови не е избран ниту еден претседател. Откако ги посети сите соседни главни градови, тој никогаш не најде време да дојде во билатерална посета на Бугарија, иако таа дојде на ред. Пристигна само еднаш на неколку часа за да учествува на мултилатерален форум поврзан со европската интеграција на Западен Балкан.
„Ако е за историја, не ме чекајте во Софија, но за европската перспектива на нашата земја ќе дојдам“, беа неговите зборови во оваа прилика. Гледајќи што не чека во билатералните односи со Скопје, не верувам дека ќе се создаде ситуација Пендаровски да возврати на посетата на Румен Радев, кој беше еден од ретките претседатели на држави кои присуствуваа на неговата инаугурација една недела по неговата изборна победа. Ги прими луѓето од нелегалната ОМО „Илинден“ и го испрати својот шеф на кабинет на оној циркус со клубот во Благоевград, но сѐ уште не наоѓа време да се сретне со Бугарите во неговата земја.
Така, можеби Пендаровски ќе биде вториот политичар од Северна Македонија кој цел мандат не сакал да отиде до Софија на билатерална основа. Прва беше покојната Илинка Митрева, која како министерка за надворешни работи на својата земја за четири години ниту еднаш, ниту под лукавата формула за учество на мултилатерален форум, не дојде во Софија. Нејзините аргументи за тоа не беа политички, туку семејни. Но тоа е друга тема.
И сега, за евентуалниот ривал на Пендаровски. Нема потреба да го барате меѓу истакнатите симпатизери или активисти на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Но, тој дава јасни и конзистентни сигнали дека сака да биде нивен кандидат. Станува збор за претседателот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), академик Љупчо Коцарев. И ако до неодамна неговата кандидатура беше можеби меѓу пошироката листа од која ќе се влече добитна карта, деновиве стана безмилосно јасно дека академикот упатува сериозно барање кое тешко дека ќе може да биде пренебрегнато од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Коцарев е човек на точните науки, целата негова академска биографија е поврзана со нив. Тој не е хуманитарец. Но, неговиот мандат на чело на МАНУ, прифатена како една од најконзервативните и најретроградните институции во државата, ќе остане запаметен по активните јавни настапи токму во хуманитарната сфера. И поточно, во одбрана на сопствената чудна претстава за патриотизмот и македонизмот. Ако на почетокот на неговиот мандат како прв академик меѓу рамноправните, неговите говори и текстови беа прифатени како несмасен обид за влегување во непозната територија, сега тие ја носат пораката за амбиција за политичка кариера.
Неговите истражувања и позиции се толку блиски до оние на Мицкоски и неговото опкружување што човек не може да не се запраша кој врз кого влијаел и кој на кого му ги наметнал крајностите во толкувањата. Коцарев пред неколку дена по четврти пат се обрати на генералното собрание на академиците со предупредување дека доаѓа „Македонски холокауст“ и дека Македонците се на работ на исчезнување доколку не се смени однесувањето на властодршците. Има и други не помалку чудни и страшни перспективи за граѓаните на Северна Македонија и за нивната држава, но тоа се теми кои општеството крај Вардарот само треба да ги реши. Ако има сила и желба за дебата, се разбира.
Нас нè интересира нешто друго, доста актуелно. Коцарев препорача сите 120 пратеници во парламентот да гласаат против уставните измени, бидејќи доколку се изгласаат, тоа значи дека европската перспектива за земјата е пропадната. „Ако сега кажеме „не“, Македонија ќе има повеќе шанси да биде рамноправна членка на ЕУ и да не се распадне. Ако дозволиме уставни измени, тоа значи широко отворање на вратите за други бесмислени барања, кои ќе не изложат пред други, поголеми искушенија“. Според академикот, промената на Уставот со впишувањето на Бугарите во него е прво, но не и последно барање, бидејќи во преговарачкиот процес би дошле други, позастрашувачки и поостри барања. Колку познато звучат овие пророштва, слушнати и од лидерите на опозицијата во државата. Каква ментална хармонија и вербално единство меѓу академизмот и политиката, толку јасна што никој не се сомнева дека академик Љубчо Коцарев ќе биде кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Веќе има преседан: пред четири години против Пендаровски исто така беше предложен човек од науката – професорката по уставно право, Гордана Силјановска-Давкова.
А бидејќи сум сигурен дека од сега па натаму академикот сѐ повеќе ќе биде во центарот на вниманието, им препорачувам на оние колеги кои ќе сакаат да му поставуваат прашања, да го прашаат само: каква е неговата роднинска врска со познатата фамилија Коцареви од Охрид, чии претставници и до денес се поврзуваат со чистото и јасно бугарско чувство. Ќе посочам само еден од нив – Илија Коцарев, градоначалникот на Охрид за време на Втората светска војна и еден од спасителите на бугарските војници кога војната завршила, настан, опишан и претставен како вистинска „Охридска балада“.
За академик Коцарев нема понепријатно прашање од ова. Но, ние имаме должност уште еднаш да се запрашаме – каква е оваа држава во која општеството прифаќа дека е нормално да бидеш предложен за претседател само ако имаш антибугарски ставови. А што ако ги добиеш изборите?

