ЕК: Бугарија ќе стане членка на еврозоната од 1 јануари
„Бугарија ќе биде членка на еврозоната од 1 јануари“, изјави портпаролот на Европската комисија, Балаш Ујвари, одговарајќи на прашање од БНР дали оставката на владата и барањето за одложување од страна на партијата „Преродба“ би можеле да го променат воведувањето на еврото во земјата од 1 јануари.
„Ситуацијата е многу јасна. Постојат точно утврдени критериуми што мора да бидат исполнети за таа цел, а Бугарија ги има исполнето. Сите основни критериуми се исполнети, соодветните одлуки во врска со тоа се донесени. Она што е предвидено е дека од 1 јануари следната година Бугарија ќе го користи еврото“, изјави Ујвари.
На дополнително прашање дали оваа одлука е цврста и конечна, тој одговори дека релевантните одлуки се веќе донесени, а раководителката на прес-службата на Европската комисија, Паула Пињо, додаде дека тие остануваат на сила.
