|

Економистот Зоран Тодоров влегува во трката за градоначалник на Кочани како независен кандидат

Економистот Зоран Тодоров ја објави својата кандидатура за градоначалник на Кочани. По Венко Крстевски, кој во моментот е вршител на должност градоначалник и Тодоров ја поднесе својата кандидатура.

„Почитувани сограѓани,
Вчера ја поднесов независната кандидатура за градоначалник на Кочани. Некој би рекол ракавицата е фрлена, но јас би рекол раката кон сите во Кочани е подадена. Јас сум Зоран Тодоров – сопруг и татко на две деца кои секојдневно ме учат што значат љубов, трпение и посветеност. По професија сум економист, но по суштина сум човек кој целиот свој живот го живее со одговорност, духовност и почит кон заедницата.

Роден и израснат сум овде, во Кочани – градот што ми ја вгради љубовта кон луѓето, чесноста кон трудот и верата во вистинските вредности. Со моето семејство секој ден го живееме Кочани – не како место на случаен престој, туку како свесен избор.
Избор да бидеш човек, сосед, поддршка.
Избор да не молчиш кога можеш да помогнеш.
Избор да веруваш во луѓето и во заедничката сила што создава, а не уништува.
Јас сум човек од дела – не од зборови. Еден од основачите сум на повеќе организации, преку кои со конкретни акции и хуманитарни иницијативи со години сме им помагале на оние на кои најмногу им требало. Верувам во солидарноста – не како празна реченица на плакат, туку како нормална, човечка и граѓанска реакција кога некој страда или кога нешто може да се подобри.
Сакам живот во Кочани – не како навика, туку како одлука.
Сакам живот во Кочани – со смисла, со срце и со иднина.
Го гледам Кочани не како спомен што избледува, туку како иднина што мораме заедно да ја изградиме – чекор по чекор, човек до човек. Верувам дека овој град има душа, но таа душа бара нов глас. Глас на одговорност, искреност и храброст да се каже: „Доста е – време е за поинаку.“ Сакам живот во Кочани – достоинствен, праведен, инспиративен и топол“, напиша тој на социјалната мрежа „Facebook“.

Слични Објави