| |

Енергетскиот сектор во Република Македонија (1)

Една од најчесто споменуваните теми во современите економски дискусии во Република Македонија е секако реструктирањето, либерализацијата и приватизацијата на јавните сектори во државата. Имајќи го во предвид значењето кое овие претпријатија од областа на јавниот сектор (телекомуникациите, електростопанството, водостопанството, итн.) го имаат во секојдневниот живот на граѓаните, не е воопшто зачудувачки, ниту пак занемарливо, да постои голем интерес и кај најобичниот граѓанин за овие кај нас нови економски процеси во државата. При тоа, најразличните и за жал најчесто паушални информации за целите на овие процеси, како и резултатите и предностите што тие ги носат во областите на давање на услуги од јавен интерес на граѓаните, ги доведуваат обичните читатели до заблуди.

Но би почнале од почеток еден историски вовед во целиот систем на електричната енергија. Уште со самото пронаѓање и уште повеќе со нејзиното користење од почетокот на минатиот век, набрзо стана еден од најатрактивните енергетски извори на светот. Заради својата едноставност во користењето, можноста за пренесување на големи далечини, чистотата при употребата и секако можностите за широка употреба и распространетост, електричната енергија многу брзо станува незаменлив дел во светската индустрализација. Изградбата на се поголем број на електрични централи и усовршување на електричните уреди станува императив во многу земји, и претставува процес кој и денес е многу активен. Заради тоа не е ни чудо, што и денес како еден од основните параметри за анализа на економската моќ на земјите е количеството на потрошената електрична енергија по глава на жител, но и количеството на потрошената електрична енергија по единица остварен долар од националниот бруто производ.

Овие и вакви процеси се неминовно поврзани и со развојот на нашата земја, уште по завршувањето на Втората светска војна, кога се направија големи напори за електрификација на сите населени места, снабдување на целокупното население со квалитетна електрична енергија. Но од друга страна мора да се напомене што електричната енергијаза цело време се третира како социјална категорија или како добро од јавен интерес. Развиените земји многу одамна увиделе дека електричната енергија, како и сите други стоки, има своја вредност на пазарот, како резултат на производниот процес и потребните ангажирани средства за нејзино производство, пренос, ангажираност на моќност, дистрибуција, развој и инвестиции во преносот и дистрибуцијата и слично. Треба да се истакне дека и сега во Република Македонија ова дефиниција на утврдување на пазарна цена на електричната енергија му е дадена на независното тело Регулаторна комисија на енергетика кое ја пресметува по формула и ја утврдува цената на електричната енергија како стока т.е. берзански производ. Сето ова е регулирано со Законот за Енергетика и ова тело треба да ја добие вистинската функција во државата т.е. да биде држава во држава и да не допушта никакво мешање на политичките елити во раководењето со ова независно тело, но за жал тоа сеуште е далеку од вакво ниво.

За да можеме да ги дефинираме правците на развој и реструктуирање на електроенергетскиот сектор во Република Македонија, најпрво треба да се осврнеме на неговата сегашна состојба. АД Елестропанство на Македонија, (ЕСМ), беше единственото претпријатие во рамките на државата Република Македонија формирано со државен капитал, со една цел, а тоа е производство, пренос и дистрибуција на електричната енергија на целокупната територијана Република Македонија. Вкупните производни капацитети на тогашното АД ЕСМ се состоеа од 1500 MW од кои околу 1/3 се лоцирани во хидроелектраните, било да се тоа големи или мали централи, додека останатите 2/3 од капацитетите се во термоцентралите, од кои РЕК Битола со своите три блока 3х225 MW претставува најголем и високо концентриран извор на електрична енергија во државата. Главната преносна мрежа се состои од 400 kV, 220 kV и 110kV водови низ целата земја, додека дистрибуцијата на енергија се остварува преку 28 засебни целини (подружници), од кои Електродистрибуција Скопје има доминантно место од речиси 33% од целокупната потрошувачка на електрична енергија во Македонија. Покрај домаќинствата кои завземаат главно место, речиси 50% од целокупната енергетска потрошувачка во дистрибуциите или заедно со малата индустрија и занаетчиството, потрошувачите на 10 и 35 kV ниво и уличното осветление заземаат скоро 80% од дистрибутивната потрошувачка, останатите 20% отпаѓаат на т.н. директни потрошувачи кои најчесто се приклучени на 110 kV водови. Годишното производство изнесува околу 6700 GWh, што прикажано како годишен финансиски промет изнесува околу 250 милиони €. Исто така важно е да се напомене дека АД ЕСМ има околу 650.000 корисници и нешто помалку од 9000 вработени ова се однесува за најубавите години некаде 2002 година.

Од еден ваков гигант со законот за трансформација на АД ЕСМ во 2004 година еден дел од неа дистрибутивниот систем е понуден за приватизација и истиот е приватизиран и сега е во сопственост на АД ЕВНод Австрија. Со истиот закон друштвото е поделено на три независни тела и тоа АД ЕЛЕМ за производство на електрична енергија, АД МЕПСО за транспорт и пренос на електрична енергија и третиот дел е дистрибуцијата која му припадна на АД ЕВН. Со ова и ваква приватизација и реорганизација не се реализира тоа што се тврдеше, за големи инвестициони вложувања во мрежата, функционирање за подобрување на целиот систем, беспрекорна наплата, избегнување на кражбите на електрична енергија, самостојна наплата без учество на државните органи и многу други активности кои беа најавени, но од тоа сем поставувањето на нови бројачи на електрична енергија и исклучувања без пардон и за 1-2 ненаплатени сметки е конечниот ефект од оваа приватизација. Од понудените тогашни 200 милиони €, уште во стартот му се вратија на инвеститорот 20 мил € заради „преценета“ вредност од страна на државата на дистрибуцијата, заостанатото ненаплатено „побарување“, а не „долг“ како што сакаше тогашната власт на СДСМ да го прикаже, се работеше за некаде околу 150 мил €, истото беше поделено на пола со тоа што по извршената наплата средствата ќе се делат по 50 % на двете страни, АД ЕВН и владата на Република Македонија. Не знам од тогаш колку точно средства се прелеале во буџетот на Република Македонија, или пак истите завршиле во некои инвестициони активности во интерес на граѓаните. И на крај со вкупниот дитрибутивен систем на АД ЕСМму се предадени и неколку мали хидро централи на АД ЕВН, кои беа комплетно репарирани, а чиј годишен приход е околу 5 мил€, приход што АД ЕВН си го наплаќа самиот на себе, или за себе. Ако тука се додаде дека скоро сите дистрибутивни станици беа модернизирани и предадени на АД ЕВН,со донесен закон сите спорни плацеви кои биле во приватна сопственост, а на чија сопственост се поставени столбови или дистрибутивни трафостаници,со законот стануваат проблем на државата Република Македонија, така да ова и денес 14 години покасно се уште е проблем и тоа на АД МЕПСО со впишување сопственост на дистрибутивни трафостаници, или делови од нив, се водат судски спорови за приватните земјишта низ кои поминуваат електричните столбови, но се ова сега е проблем на државата а инвеститорот со ова нема допирна точка.

За да не се случи ова и во понатамошната приватизација која изгледа се поизгледна би сакал да потсетам на некои основни забелешки кои важеле во времето на оваа прва приватизација а да не се повторат и во втората да укажеме на многу клучни работи кои не сме ги направиле до сега а времето неуморно не гази.

Продолжува…

Автор:  м-р Спиро Мавровски

 



Слични Објави