ЕПИСКОП ЈАКОВ СТОБИСКИ: ПОСЕТАТА НА ПАТРИАРХ НЕОФИТ ВО МАКЕДОНИЈА ЌЕ БИДЕ ОГРОМЕН БЛАГОСЛОВ ЗА НАШАТА ЦРКВА
Епископот на Македонската Православна Црква-Охридска архиепископија, Јаков Стобиски кој заедно со бугарскиот митрополит Кипријан Старозагорски ќе го донесе Благодатниот оган во Македонија пред бугарската агенција БГНЕС истакна дека за нашата земја ќе биде огромна чест ако патриарх Неофит Бугарски ја посети.
„Тоа што се случува во последните неколку години е доказ за една нелицемерна и братска љубов. Тоа покажува дека Христос навистина воскреснал“- изјави пред репортерот на БГНЕС епископ Јаков Стобиски и се заблагодари на Бугарската православна црква за братската љубов кон МПЦ-ОА.
На прашањето на бугарскиот репортер дали можеме да очекуваме посета на бугарскиот патриарх Неофит во Македонија, епископот Стобиски Јаков изјави дека за тоа треба да одлучат Патриархот и Светиот синод на БПЦ и додаде дека таквата посета ќе биде пријатен настан и огромен благослов за македонската црква и народ.
