| |

ЕУ подготвува мерки против приклучување на „тројански коњи“ во Унијата

Новите членки на Европската унија може да бидат ставени под своеобразен „испитен рок“ од неколку години, па дури и исклучени од Унијата доколку отстапат од демократските стандарди. Ова го предвидува новиот предлог на Европската комисија, кој има цел да спречи појава на нови „тројански коњи“ во ЕУ, по примерот на Унгарија, јавува БГНЕС.

По целосната инвазија на Русија во Украина во 2022 година и желбата да се приклучат останатите земји од Западен Балкан, Брисел го оживеа процесот на проширување, кој повеќе од една деценија беше во застој.

И покрај поддршката за проширувањето, бројни европски престолнини стравуваат дека Украина, Молдавија или балканските држави може да ги прекршат принципите на владеење на правото, слободата на медиумите и независноста на судството – па дури и да се приближат кон Москва по нивното пристапување.

„Не сакам да останам запаметена како комесарот што вовел тројански коњи, активни по пет, десет или петнаесет години“, изјави за Financial Times еврокомесарката за проширување Марта Кос. Таа објасни дека Комисијата разгледува идеи како „преоден период, вид пробација, заштитни механизми“, иако тие сè уште се во рана фаза.

Во годишниот извештај на ЕК за проширувањето, објавен денес, се наведува дека Црна Гора е најнапредна во реформите потребни за членство. Потоа следи Албанија, на средина е Северна Македонија, а најслабо се претставуваат Србија и Босна и Херцеговина.

Кос призна дека во повеќето европски престолнини скептицизмот кон новите членки е поголем отколку што изгледа од официјалните позиции.

Искуството со унгарскиот премиер Виктор Орбан – кој ги ослабува санкциите против Русија, блокира воена помош за Украина и ја еродира демократијата дома – е меѓу главните причини за ваквата претпазливост.

Комисијата подготвува предлози за построги механизми за заштита на владеењето на правото и поефикасни процедури за суспендирање на права или придобивки при прекршувања. При системски отстапувања, државата може дури и да биде исклучена од ЕУ, објаснува Кос.

Во документот се нагласува дека идните договори за пристапување треба да содржат „посилни гаранции против повлекување на обврските“ и услов новите членки да го направат постигнатиот напредок „неповратен“.

Овој пристап би вовел построги услови за новите кандидати, вклучувајќи ги Украина и Молдавија, што веројатно ќе предизвика поплаки за двојни стандарди. Унгарија веќе го блокира отворањето на одделни преговарачки „клостери“ со Киев и Кишињев во области како енергетика, конкуренција и владеење на правото.

Брисел бара начини да го заобиколи унгарското вето, продолжувајќи со техничките подготовки додека се чекаат политички одлуки. „Не ви треба Орбан за да ги спроведете вашите реформи“, вели Кос. „Повикувам Украина и Молдавија навистина да ги реализираат – имаат уште многу работа.“

Таа истакна дека обединувањето на двете земји во еден пакет е „вештачко“ и напомена дека нивните процеси може да се разделат.

Кос ги отфрли обвинувањата дека новите правила ќе создадат „двостепено членство“, уверувајќи дека кандидатите кои строго го почитуваат владеењето на правото нема да бидат ограничувани.

Покрај тоа, Комисијата сака идните членки постепено да се интегрираат во европските програми уште пред полноправното пристапување – на пример, преку новиот „штит на демократијата“, иницијатива против сериозни демократски ризици во ЕУ.

„Успеавме да ја спречиме Русија на влезната врата“, изјави Кос, мислејќи на украинската отпорност, проевропските изборни победи во Молдавија и јавната поддршка за членство во регионот. „Но ако не го задржиме темпото на проширување – мојот најголем страв е дека Русите ќе влезат низ задната врата.“



Слични Објави