|

ЕУ разгледува ново финансирање за Украина со користење на замрзнати руски средства

Лидерите на Европската унија ѝ наложија на Европската комисија да продолжи со изготвување опции за финансирање на Украина во наредните две години, оставајќи ја отворена можноста за голем заем кој би се финансирал преку замрзнатите руски средства, јавуваат дипломати за АФП, јавува БГНЕС.

Во заклучоците усвоени по долги преговори во Брисел, лидерите на ЕУ не постигнаа конечен договор за предложениот „репарациски заем“ од 140 милијарди евра (162 милијарди долари), одложувајќи ја оваа чувствителна одлука за декември.

Според неколку дипломати, документот претставува чекор кон можен договор, иако текстот морал да биде ублажен поради силните забелешки на Белгија, земја каде што е задржана најголемата сума од средствата на Руската централна банка.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, изјави дека ЕУ испратила „важна порака“. Украинскиот претседател Володимир Зеленски го поздрави одлуката на лидерите на ЕУ да разгледаат продолжување на финансиската поддршка за уште две години, вклучително и потенцијален заем заснован на замрзнатите руски средства.

„Европската унија увери дека финансиската помош за Украина ќе продолжи,“ напиша Зеленски на социјалната мрежа X, додавајќи дека самитот во Брисел донел „добри резултати“.

„Обезбедивме политичка поддршка за искористување на замрзнатите руски средства во одбрана од руската агресија. Европската комисија ќе ги изработи сите неопходни детали,“ додаде тој.

Слични Објави