ЕУ започнува преговори со Канада и Велика Британија за учество во програмата SAFE
Советот на Европската Унија денеска соопшти дека донел одлука за започнување на преговори со Канада и Велика Британија за нивното учество во европската програма за развој на одбраната (SAFE), јавува Информативниот центар на Министерството за одбрана на Бугарија.
Преговорите ќе ги води Европската комисија и ќе се однесуваат на условите под кои британските и канадските компании и производи ќе може да учествуваат во заедничките јавни набавки во рамките на програмата.
Поради актуелната геополитичка состојба и итната потреба од големи инвестиции во одбранбена опрема, ЕУ ќе обезбеди средства за земјите-членки врз основа на национални планови за развој на воените капацитети. Државите од ЕУ, како и другите партнери кои ќе се приклучат на заедничките активности, ќе имаат пристап до долгорочни поволни заеми во вкупна вредност од 150 милијарди евра.
Во соопштението се нагласува дека во програмата може да учествуваат и земји кои се кандидати за членство во ЕУ или кои се партнери во областа на безбедноста и одбраната. Украина, Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија ќе имаат исти услови како земјите од Унијата.
Со денешната одлука Европската комисија може да пристапи кон преговорите, а постигнатите договори ќе треба да бидат ратификувани од Европскиот парламент.
Европската програма за заеднички јавни набавки во областа на одбраната е дел од Планот за превооружување на Европа до 2030 година, кој предвидува вкупен буџет од 800 милијарди евра. Дополнително, ЕУ им овозможи на земјите-членки привремено да користат поповолни услови за доделување државна помош за активности поврзани со одбраната, како и да пренасочуваат средства од фондовите за кохезија за истата цел.

