Одбележуваме 79 години од убиството на големиот бугарски ликовен уметник, карикатурист и колумнист Рајко Алексиев- Фра Дјаволо
Одбележуваме 79 години од убиството на познатиот бугарскиот уметник, карикатурист и колумнист Рајко Алексиев, со псевдоним Фра Дјаволо, претепан до смрт од бугарските комунисти.
Рајко Алексиев е роден на 7 март 1893 година во Пазарџик во семејството на учителот Никола Алексиев од Солун и Стојанка Белопитова, сестра на Тодор Белопитов, учесник во Априлското востание. Има тројца браќа и две сестри. Студирал литература на Софискиот универзитет и сликарство на Уметничката академија во Софија. Веќе со појавувањето на неговиот прв пејсаж во „Изложбата на младите“ во 1913 година, бугарската царица Елеонора станува една од најголемите почитувачи на неговиот талент. Истата година, уметникот одржал пет самостојни изложби.
Во 1932 година го основал неделниот весник „Штурец“. Рајко Алексиев сам ги цртал сите карикатури, сам ги пишувал написите, фељтоните и хумористичните минијатури, и сам го дистрибуирал весникот. Весникот „Штурец“ се уредувал во домот на уметникот до неговиот последен број, кој излегол на 8 септември 1944 година.
Неговиот тираж од 50.000 примероци во сите 12 години од постоењето, го задржал на првото место меѓу печатените изданија во Бугарија. Првиот број се распродал толку брзо што авторот морал да го препечатуваа.
Редовни соработници на „Штурец“ биле врвните бугарски интелектуалци Елин Пелин, Ангел Каралијчев, Димитар Подврзачов, Димитар Талев, Стојан Чилингиров, Георги Рајчев, Тома Измирлиев, карикатуристите Илија Бешков и Стојан Венев. Весникот не пропуштил ниту еден број дури и за време на Втората светска војна.
Како долгогодишен претседател на Сојузот на ликовните уметници, Рајко Алексиев ја организирал поддршката на своите колеги кои останале без покрив над главата по бомбардирањето на Софија. Успеал да добие сума од 2 милиони лева од Министерството за финансии, со кои ги спасил од гладна смрт семејствата на многу ликовни уметници евакуирани во различни делови на Бугарија.
Со своите успеси, а и со својот често остар хумор, Рајко Алексиев си создал доста непријатели. Во последните денови пред државниот удар на 9 септември тој постојано бил предупредуван од неговите роднини да ја напушти земјата. Сепак, Алексиев одбива да верува дека е во опасност. Веднаш по државниот удар, Алексиев, кој се вратил од Чамкорија во Софија, бил уапсен како „непријател на народот“ поради неговите надалеку познати недвосмислени карикатури за Сталин. Алексиев бил претепан до смрт на 18 ноември 1944 година во Софија.
По падот на комунистичкиот режим во Бугарија во 1989 година, тој е рехабилитиран. Сојузот на бугарски уметници ја отворил галеријата „Рајко Алексиев“.
На негово име во 2002 година е воспоставена национална книжевна награда за хумор и сатира, која ја доделува општината Пазарџик. Се доделува на секои три години, на 7 март, на бугарски писатели за севкупно книжевно творештво и придонес во областа на хуморот и сатирата. Наградата може да се додели и на странски автори за особени заслуги за популаризацијата на бугаристиката, личната креативност во областа на хуморот и сатирата, анализите и публикациите тематски поврзани со Бугарија. Има и придружни конкурси за автори од Пазарџичкиот регион во три дела – хумористична поезија, хумористична проза и карикатура.
На 27 февруари 2013 г. глечерот Алексиев на Антарктикот бил именуван во негова чест.
Син на Рајко Алексиев е познатиот политички аналитичар и бугарски патриот Алекс Алексиев.
Алексиев во 1969 година заминува за САД, каде долги години работи како аналитичар за истражувачкиот центар за политички науки „Ран Корпорација“. Во овој период, тој се наоѓа во кујната на американската надворешна политика и советува високи американски функционери за клучните прашања како што се одговорот на советската инвазија во Авганистан и односите со Русија и Источна Европа.
Во последните години од Студената војна, Алексиев бил извршен директор на европската секција на Радио „Слободна Европа“ во Минхен. Непосредно пред падот на Берлинскиот ѕид, тој бил специјален пратеник на американската влада во балтичките држави, задолжен за специјални мисии.
За првпат се вратил во Бугарија по промените на 10 ноември 1989 година. Алекс Алексиев станал советник на премиерот Филип Димитров. На крајот на првата деценија на XXI век Алекс Алексиев конечно се сели во Бугарија. Во последниве години од својот живот, тој е претседател на Центарот за балкански и црноморски студии, главен уредник на Бугарија Аналитика и редовен коментатор и аналитичар на политичките настани во Бугарија. Пишува анализи за голем број медиуми, имал критички став кон Русија на Владимир Путин и Турција на Реџеп Таип Ердоган. Тој исто така бил научен соработник во Институтот „Хадсон“.
Алекс Алексиев умира на 28 јули 2019 година на 77-годишна возраст во Софија.