|

СДСМ бара разрешување на Миленко Неделковски од ФК Вардар поради навреди кон жените

СДСМ реагира на изјавите на Миленко Неделковски, извршниот директор на ФК Вардар и поранешен водител, кои, според партијата, содржат навреди и омаловажувања кон жените. Во нивното соопштение, СДСМ бара итно разрешување на Неделковски од функцијата во најтрофејниот македонски фудбалски клуб.

„Во денови кога Македонија е потресена од грозоморни случаи на фемицид и раст на насилство врз жени, не смее да се толерира говор на омраза и навреди. Ваквото однесување мора веднаш и најстрого да биде санкционирано,“ се наведува во реакцијата.

Според СДСМ, македонскиот спорт, спортските работници, навивачите и граѓаните не заслужуваат човек кој шири омраза и навреди да биде претставник на клубот.

Партијата повикува Фудбалската федерација на Македонија, Министерството за спорт, Македонскиот олимписки комитет, како и сите клубови во Првата лига да заземат јасен став и да ја осудат реториката на Неделковски.

„Спортот е вредност која поврзува, која промовира фер-плеј, почит и еднаквост. Во спортот нема место за ликови како Миленко Неделковски,“ стои во соопштението.

СДСМ апелира и до ВМРО-ДПМНЕ да се огради од неговите изјави, со порака дека молкот претставува соучесништво и охрабрување на насилството.

„Ова не е прашање на политика, туку на лична безбедност, достоинство и почит кон жените. Време е за јасен став – нулта толеранција за навреди во спортот, особено кон жените,“ завршува соопштението.

Слични Објави