| |

Животот во Софија – двојно поевтин од Берлин и 2,3 пати поевтин од Париз

Просечниот жител на Софија денес изгледа вака: 42-годишен, образован, со сопствено жилиште и семејство, вработен во ИТ, аутсорсинг, трговијата или финансискиот сектор, со просечна месечна плата од околу 3489 лева (околу 1780 евра). Овој профил сè повеќе се приближува до оној на просечниот Европеец, пишува бугарскиот дневен весник 24 часа.

Интересно е што платата во Софија е повисока од просечните во Букурешт, Атина, Загреб, Скопје, Белград и Братислава. Сепак, таа останува пониска во споредба со западноевропските економии. Во Париз и Берлин просечната плата изнесува околу 4500 лева, додека во Лондон достигнува 3500 фунти. Таму, сепак, даноците, кириите и храната се значително поскапи.

Со плата од 3489 лева во Софија, односно околу 1350 евра, може комотно да се живее самостојно – да се покриваат сметките, да се купува разновидна храна, да се користи јавен превоз, да се излегува и дури скромно да се заштедува.

Во Берлин, за ист стил на живот потребни се многу повеќе средства. Месечната кирија за еднособен стан во центар е околу 1200 евра, храната чини 500 евра, транспортната карта 50 евра, а комуналиите и интернетот 280 евра. За слободно време и лични трошоци одат околу 350 евра. Вкупните месечни расходи достигнуваат 2379 евра – повеќе од двојно во споредба со Софија.

Животот во Париз е дури и поскап. Киријата за еднособно станче е околу 1400 евра, храната чини 600 евра месечно, превозната карта 75 евра, а комуналните услуги уште 250 евра. За забава и дополнителни трошоци потребни се 400 евра. Така, вкупните месечни расходи изнесуваат околу 2725 евра – над 2,3 пати повеќе од сумата што е доволна во Софија за истиот животен стандард.

Во Лондон потребните средства се најголеми. Просечната кирија изнесува околу 1600 евра, храната – 650, превозот – 160, комуналиите и интернетот – 330 евра, а трошоците за слободно време – најмалку 450 евра. Вкупно месечно се потребни околу 3190 евра, односно речиси 3 пати повеќе од потребите во Софија за ист стил на живот.

Софија е далеку поевтина и од останатите балкански престолнини. За струја, вода и греење во Софија има 50 евра пониски трошоци во споредба со тие во Атина и практично идентични со оние во Скопје, и покрај многу пониските плати во главниот град на РСМ. Кај кириите Софија повторно е во средината, а пристапот до интернет е поевтин единствено во Букурешт, покажува споредбата на платформата.



Слични Објави