Еуроњуз: Режимот на Виктор Орбан ја контролира медиумската империја на Мицкоски во Северна Македонија
Режимот на Виктор Орбан создаде и управува со голема медиумска империја во Северна Македонија. Проширувањето на унгарските медиумски интереси во земјата, кои се контролирани од бизнисмени поврзани со унгарскиот премиер станува сè поочигледно во последниве години. Ова се наведува во истрагата на Димитар Керанов, експерт во евроатлантскиот тинк-тенк институт на германскиот Маршалов фонд (ГМФ), објави Еуроњуз, пренесува БГНЕС. Со стратешките набавки на клучните ТВ канали и портали за вести, влијанието на Будимпешта веќе продира во јавниот дискурс на земјата. Двајца менаџери Петер Шац и Агнес Адамик, според истрагата организирале купување на големи медиуми, меѓу кои ТВ Алфа, порталите „Република“, „Курир“, „Лидер“, „Денешен“, „Економски“, „Вистина“ и „Нетпрес“.
Заедничко им е тоа што сите се поврзани со владејачката националистичка партија ВМРО-ДПМНЕ и нејзините лидери, вклучително и премиерот Христијан Мицкоски.
Истрагите открија дека каналите што ја поддржуваат ВМРО-ДПМНЕ добивале и индиректна финансиска поддршка од унгарски бизниси преку реклами. Оваа финансиска поддршка помогна да се одржат медиумските мрежи поврзани со Никола Груевски, кој во 2018 г побегна во Будимпешта за да избегне пресуда за корупција и оттогаш остана таму под заштита на Виктор Орбан.
Другите неодамнешни случувања, исто така, го нагласуваат растечкиот ангажман на Унгарија со Северна Македонија, пишува аналитичарот на GMF. Владата во Будимпешта лани на Скопје му додели заем во износ од 500 милиони. долари, кој беше исплатен од заем во висина од 1 милијарда евра штотуку добиен од Кина. Ова е најголемата унгарска финансиска поддршка за друга земја.
Северна Македонија се оддалечува од патот кон членство во ЕУ под нејзината сегашна влада и се повеќе се доближува до блокот, кој ги вклучува Кина, Унгарија, Русија и Србија. Со промовирање на нелиберален модел на владеење, финансирање на националистички медиуми и заштита на политичките сојузници како Груевски и Мицкоски, Орбан го зајакнува своето долгорочно влијание на Балканот, заклучува експертот.
Категоричен пример за влијанието на унгарскиот премиер на Балканот е неодамнешниот случај откриен од порталот VSquare: На крајот на февруари, унгарските специјални сили биле испратени во Република Српска со тајна цел: да го олеснат брзото бегство на водачот на босанските Срби Милорад Додик во Унгарија, во случај ако Судот на Босна и Херцеговина распореди негово апсење, поради неговите сепаратистички активности.
Планот не се оствари, главно од две причини. Прво, макар што Додик навистина беше осуден на казна затвор, тој не беше уапсен и му беше дадена можност да поднесе жалба. Второ, унгарскиот план беше откриен од повеќе влади и власти кои внимателно го следат регионот. Акцијата требало да биде изведена под превезот на заедничка вежба на унгарските единици со локалната полиција во Република Српска.
