ЕВОЛУЦИЈАТА НА ТАКВИТЕ И ОНАКВИТЕ
Секогаш на оваа тема ме потсетуваат коментарите од типот на: браво момци, јунаци, амбасадори, вака треба заедно сплотени… при секој успех или неписмени, со две леви нозе, слепци, не знае два и два колку се, па две овци да му дадат ќе ги загине итн. после секој неуспех на нашите спортсти и уметници.
Ќе вратиме до Отоманската империја барем до таму од каде што има по некој писмен запис како тоа таквите се потрудиле да ги обележат онаквите. Уште од тогаш „успешните” ги осознале своите вештини за обезбедување на материјални добра и статус кај оној кој е потребен да ги управува, па така според добиените информации секој кој ќе бил посочен како онаков соодветно бил третиран. Овие „вештини” успешно биле пренесувани на своите поколенија, па така во новата „империја” повторно го обезбедувале статусот кај новиот владетел и соодветните материјални придобивки. Во третиот случај вешто ја изведуваат трансформацијата, па претпоставувам дека од овој период доаѓа поговорката „каква војска иди таква капа клават”. И тука како и во минатото судбините на оние „онаквите” зависат од информацијата на „таквите” само што бројот е во нагорна линија.
Доаѓаме до четвртата империја, но овој пат секоја влечуга може да му позавиди на способностите во движењето, фантастична брзина во промената и зголемени апетити. Во овој период често и сопствените браќа биле посочувани како „онакви”, па доколку имале среќа ќе кршеле камења по островите. Тука веќе се обезбедува и општествениот статус, па не е на одмет и да бидат препознатливи во јавноста. За жал, нивните деца се тесно поврзани со поновиот период и веќе се „ишмековани” и угледни граѓани кои ротираат овие триесетина години, а најголемиот дел се во извршната и законодавната власт и сега од нив зависи судбината на сите граѓани. Врските на тоа „наше дете” со таа некогашна „унутрашња безбедност” како последна станица за пријавување на онаквите се толку длабоки и преплетени што скоро е невозможно да бидат раскинати. Сега секој втор како генетска предиспозиција или инстиктивно обезбедува информации за „онаквите” и додека во демократските уредувања во некои формулари повеќе не постојат графи за поделба по одредени основи кај нас остануваат такви и онакви, трето нема…
Автор: Благојче Трајковски
