Еврејка со потекло од Бугарија ја има најпознатата пекара со бугарско сирење, ајран и таратур во Сао Паоло
Casa Bulgara или Бугарската куќа зазема водечко место во кулинарските водичи на Сао Паоло – најголемиот град во Бразил со над 12 милиони жители. Продавницата постои речиси половина век на истата адреса и е во сопственост на 75-годишната Шошана Барух, Бугарка со еврејско потекло. Нејзиното семејство се преселило по Втората светска војна во Тел Авив, а подоцна пристигнало во Сао Паоло. Во 1975 година, мајката на Шошана отворила продавница за сладолед, бугарско сирење, јогурт и ајран, кои сама ги подготвувала.
„Ние сме Евреи, но дома зборувавме на бугарски и јадевме бурек за појадок или вечера, така му викаме ни, во Бугарија му викате баница. Нашите гости постојано ја повикуваа мајка ми: „Зошто не продаваш бурек, многу е вкусен?”. И таа почна да го нуди во продавницата. На луѓето толку им се допадна што продавницата прерасна во пекара за бурек и други закуски”, вели Шошана Барух за Радио Бугарија и додава:
„Првиот бурек беше само со сирење или со спанаќ и сирење, како во Бугарија. Но, овде имаме колонија на Евреи од земји како Полска, Романија, Русија и тие многу ги сакаат компирите. Затоа почнавме да нудиме бурек со компири, а потоа со месо, модар патлиџан и други филови.
Мама почна да нуди и бугарски слатки со јаболка, ореви и кајсии. Продаваме и бугарско сирење, ајран и таратор, но во форма на салата“, вели Шошана на прекрасен бугарски.
Излегува дека само семејството на Шошана произведува и продава бугарско сирење во повеќемилионскиот Бразил, а Каса Булгара е еден вид национален културен центар во срцето на раздвижената метропола. Трпезаријата е украсена со бугарски знамиња, со кукли во традиционални домашни носии и шишиња со масло од роза.
Посетителите се импресионирани од големата слика стара над 100 години со типични локални мотиви. „Многу луѓе сакаат да ја купат, но јас не ја продавам“, категорична е Шошана.
Нејзината мајка Лина Леви е родена во Варна во 1927 година. По Втората светска војна, заедно со нејзините роднини, таа успеала да замине во Тел Авив, каде што е родена Шошана. Но, во Израел, семејството доживеало низа воени конфликти и во 70-тите години нејзините родители решиле да се преселат на побезбедно место – во Сао Паоло. Каса Булгара го добива своето име како знак на благодарност за Бугарија. „Многу сме им благодарни на Бугарите, на цар Борис и Димитар Пешев и на сите оние кои ни помогнаа да преживееме за време на Втората светска војна“, не ја крие возбудата Шошана и додава.
„Беа спасени 50 илјади бугарски Евреи! Бугарија беше единствената земја во Европа што ги спаси своите Евреи. Ова е приказната. Многу сум тажна што речиси никој не го знае ова! Знаат за Полска, за Русија, за Романија и Унгарија, а дека Бугарија толку помогнала не се знае. За време на војната сите Евреи мораа да носат голема жолта ѕвезда на видно место за да биде јасно дека се Евреи.А Бугарите ставија копче на ѕвездата.Имам слики од мама и на нејзината ѕвезда со копче што можеше да се стави и извади, не како во другите земји каде што ѕвездата им беше сошиена на облеката“.
Бугарија е поврзана со ликот на спасител во семејната меморија на Шошана. Но, тоа е и далечната татковина на нејзината покојна мајка, која ја создала Бугарската куќа во срцето на Сао Паоло. Благодарение на Лина, Шошана не само што не ја прекинала врската со далечната татковина, туку зборува и прекрасен бугарски:
„Мама не однесе во Бугарија во 2007 година да ја запознаеме, да видиме каде живеела во Софија, каде е родена, каде ги иселуваат, каде живеела нашата баба во Шумен. Ни се допадна се таму. Бевме целото семејство со големите внуци. И во 2017 година повторно се вративме таму, овој пат со малите внуци, за да им ги покаже нивните далечни корени“, заклучува Шошана Барух.

