МАКЕДОНСКАТА ГОЛГОТА (2)

Дали некогаш сте се запрашале, кој е процесот, кои се правилата, заложбите за содавањето на една нација, за раѓањето на еден народ? Ако едно дете се раѓа преку болка, колкава е тежината со која се раѓа еден народ? Голема е разликата кога нештата се случуваат по својот природен тек и кога нештата се создаваат внимателно и во интерес на секој еден поединец во едно општество, наспроти оние кои се случуваат усилено и со нечесни намеренија. Тогаш нешто недостасува во сложувалката, барем јас сум се чувствувал така. Додека ги поминував моите школски денови често запаѓав во размисли зошто некои делови не се поклопуваат, пример зошто нашиот јазик огрубел, а лекциите по историја имаат толку многу „дупки“? Арно ама ние Македонците како да сме некој природен феномен, па знаеме да градиме куќа од покривот надолу. Нејсе, теми за расправија има многу, ама јас да се вратам на моето четиво.

loading...

Идејата за голема Србија, наметната од Илија Гарашанин (кој се смета за основоположник на великосрпската идеја) со неговото „Начертание“ (во кое што, меѓу другото, пишува дека најмногубројни од јужните Словени се Бугарите, кон кои Србија треба да има специјална асимилаторска политика) од 1844 година, поточно земјите каде што живее ‘српски народ’ да се во една српска држава, бидејќи според него Србија има „историско свето право“ на овие територии кои се темели на Душановото царство; анексирањето на Босна и Херцеговина од страна на Австро-Унгарија и охрабрувањето на Србија за ширење спрема земјите населени со (македонски) Бугари, водени од својот српски шовинизам за постигнување на таа цел, главните идеолози Стојан Новаковиќ и Милош Милоевиќ ја измислуваат идеологијата наречена „македонизам“ како главен инструмент за великосрпските планови и интереси (сите српски документи до Ослободувањето на Бугарија признаваат дека мнозинското население во Македонија е бугарско; види: Коста Църнушанов „Сръбски и Хърватски свидетелства за Българската народност в Македония“). 

Спомнувајќи го Стојан Новаковиќ во претходниот дел како идеолог на македонизмот, а бидејќи е важен за нашава тема, ќе се осврнам накратко на неговиот лик и дело.

Кој е Стојан Новаковиќ? Тој е еден од најистакнатите српски научници, политичар и државник, професор, академик, министер за правда и за внатрешни работи, претседател на српската влада, но повремено и дипломатски претставник на Србија во Цариград, Париз и Санкт Петербург. Голем српски националист и шовинист. Тој, како премиер ја преориентира српската надворешна политика во русофилска. Но, клучниот момент за нашето четиво е тоа дека тој е создателот, таткото на македонизмот.

Согледувајќи, дека сама по себе српската идеја не може да го разбие бугарскиот дух на Македонецот (односно, не може Македонецот да биде посрбен), тој ја развива теоријата за македонизмот. Цитирам:

Бидејќи бугарската идеја, како што им е познато на сите, фатила длабоки корени во Македонија, јас сметам дека е невозможно таа целосно да се расколеба, ако не ѝ се спротивстави српската идеја. Таа идеја, се стравувам, не би била во состојба како чиста и гола противположност да ја истисне бугарската идеја. Но, на српската идеја и е неопходна помош од некој сојузник, кој би застанал отсечно против бугарската и кој, во себе си, би ги содржел елементите, кои би можеле да го повлечат со себе народот и народното чувство, отцепувајќи го од бугарското. Тој сојузник јас го гледам во македонизмот или во култивирањето на мудри граници на македонската особеност.

Но, за негова жалост, во тоа време, таа идеја, таа пропаганда не пуштила длабоки корени во Македонија. Писмото што тој му го пишува на големиот хрватски славист Ватрослав Јагиќ е доказ за тоа:

„Кога бев во Цариград во 1886-1891, работев за српската пропаганда во Македонија… Меѓу другите работи беше напечатен еден буквар на македонски дијалект. После тоа правев анкета како тоа се прима таму. Нашите агенти ми одговорија, дека не прави никаков ефект…“

А за печатењето на македонски буквар, еве го неговиот предлог до владата на Србија:

„Во овој момент, Ви го обраќам вниманието од неопходноста од еден специјален македонски буквар за училиштата во Македонија, кој би требало да се подготви специјално за ширење на српската писменост и српскиот јазик во МакедонијаВо тоа дело, ми се чини како најнеопходно е составувањето на еден специјален буквар на македонски дијалект за Македонија. Во тој буквар би требало со македонскиот да се спои и српскиот буквар… Букварот би требало да се напише со српски правопис…

Букварот е напишан од Милојко Веселиновиќ и најповеќе е распространет низ Битола (ако добро помнам околу 7000 буквари), бидејќи во Битола немало ни трага, ниту глас за Срби или некаква српска пропаганда.

За реализирање на таа идеја, српската држава испраќа свои емисари во Македонија (за ширење на српската пропаганда) од коишто еден е Стефан Верковиќ.

А, кој бил пак Верковиќ? Тој бил фолклорист, етнограф, археолог. Од 1850 до 1870 година шетал низ Македонија како пропагатор на српската влада. За тоа време тој собира народни песни од Велес, Дебар, Крушево и Сер. Испратен како просветен работник (како српски агент) за да докаже дека во Македонија живеат Срби, тој се враќа во Србија и во 1860 година, во Белград, во 1500 примероци го издава својот зборник „Народне песме македонски Бугара“. Тој го вели следново:

Но я самь ове песме назвао бугарскима а не словенскима, збогъ тога, єръ данасъ кадъ бы когодъ македонскогъ Славенина запитао: што си ты? съ места бы му одговоріо: я самь Болгаринъ, а свой єзыкъ зову болгарскимъ, премда многи іоле писмени люди, свагда себе називаю Славено-болгарима.

Бугарското национално чувство на Македонецот тој го потврдува и во друга своја книга која е издадена во Москва во 1868 година со наслов „Описание бьıта болгар, населяющих Македонию“.

Додека пак Иван Хаџи Николов, кој е еден од основачите на БМОРК или ВМОРО, за српската пропаганда која почнала да дивее низ Македонија, а и за бугарскиот дух на Македонецот ќе го каже следново:

„Од 1888 година српската пропаганда ја засили својата дејност и почнува да атакува дури и врз Солунската (бугарска) гимназија… Знаејќи дека во Македонија нема срби, таа дејност на српските агенти многу ме возмутуваше. И барајќи средства за противдејство на таа пропаганда, дојдов до заклучок дека една тајна револуционерна организација може да го спречи патот на туѓите пропаганди во Македонија и таа ќе биде најсигурен отпор за зачувување на бугарштината во Македонија“.



loading...

Кога веќе го напишав името на Организацијата, БМОРК – Бугарски Македонско-Одрински Револуционерни Комитети, треба да појаснам дека тоа е првото име на Организацијата кое е усвоено со Устав донесен на Солунскиот конгрес во 1896 година, напишан од Георги (Гоце) Николов Делчев и Ѓорче Петров. Подоцна во 1905 година се преименува во ВМОРО, а во времето на Тодор Александров во 1919 година се именува ВМРО. За тоа, дека првото име на ВМРО е БМОРК, пишуваше и зборуваше и покојниот академик и историчар Иван Катарџиев уште во 1960-тите, а и во 2011 год. (ако добро помнам) во емисија кај Васко Ефтов.

Тодор не омилен лик во македонската историја. Македонецот не е Македонец ако не контрадиктори на себе си, така доаѓаме до моментот на апсурдот. Имено, македонската историја го оцрнува ликот и делото на најголемиот син на Македонија и го смета за бугараш и служител на бугарската влада, а од друга страна го велича името на ВМРО, кое е усвоено за време на Тодор Александров. Каде да ја бараме логиката тука?

Тодор беше најголемиот непријател на непријателите на Македонија, а највеќе на српската окупаторска управа во Македонија и тие, Србите, успеаја да го оцрнат неговиот светол и блескав лик, бидејќи таа негова светлина сјаеше до таа мера, што тираните беа заслепувани од неа. Таа светлина им сметаше, бидејќи тие (Србите) беа синови на темнината. Таа ги разобличуваше нивните злодела. И бидејќи не можеа да му направат ништо додека беше жив и помеѓу својот народ, додека од внатрешноста на Македонија ја водеше борбата против толку жестокиот тиранин на Македонецот, тие успеаја да му го оцрнат ликот по неговата смрт. Но, духот не умира, туку живее вечно. За жал таа српска историја за Тодор и не само за него, туку и за други личности и за други моменти од историјата, беше и сѐ уште е пресликана и во нашата македонска историја (се надевам дека во блиска иднина ќе се рехабилитира).

За убиството на Тодор Александров (види: Заговорътъ противъ Тодоръ Александровъ по данни на Вѫтрешната Македонска Революционна Организация, 1924 год.), Русија има давано многу пари, а за тоа дека Ванчо Михајлов бил вмешан во заговорот за неговото убиство, јас лично сметам и тврдам дека тоа се лаги и невистини (пуштани од владата на кралството СХС за да го дискредитира). Повеќе верувам дека, поради лични мотиви во убиството се вмешани Александар Протогеров, Алеко Василев – Пашата и Георги Атанасов (орудија на Александар Цанков), бидејќи до убиството (31 Август 1924) не се во добри односи со Тодор Александров и тој многу често им упатува сериозни критики (неговите писма може да се видат во книгата „Сѐ за Македонија“). Така тој станува опасен за нив и единствено може да се тргне само со негова физичка ликвидација. Друга причина е притисокот од страна на кралството СХС врз Бугарија во поглед на ВМРО, а Бугарија во тоа време е во незавидна положба. Во спомените на Димитар Влахов (член на БКП и на ВМРО Обединета) пишува: „Кон крајот на март 1924 год. Александров и Протогеров се повикани од страна на Цанков и В’лков и им е запретено дека владата ќе преземе сериозни мерки, доколку продолжат со своите делувања да создаваат проблем во зближувањето со кралството СХС.“ Бидејќи Цанков бил личен пријател на Протогеров, тоа ме наведува да мислам дека заканата била упатена директно кон Тодор Александров.

Целта на Русија, на руските комунисти, на Коминтерната била да се придобие ВМРО (да се болшевизира), да стане нејзино орудие и преку неа да се изврши пуч на владата во Софија и така да се прогласи Советска република, односно, Бугарија да се болшевизира (советизира), на што Тодор Александров жестоко се противел. Во спомените на револуционерот Кирил Прличев „36 години във ВМРО“ за тоа пишува: „За време на преговорите СССР ги мобилизира сите сили за да ја натера Организацијата или да капитулира или да стане орудие на СССР или се надеваше да ја смачка. За СССР нема избор во средствата – сите средства се дозволени…“ СССР успева да поткупи многу од дејците на ВМРО, меѓу кои: Петар Чаулев, Димитар Влахов, Славе Иванов (југословенски агент), Тодор Паница и др. Исто така поткупени се и хрватскиот водач Радиќ и Косовската Албанска Организација.

Денес не е ништо поинаку, сѐ уште ја гледаме истата подмолна, лукава, лицемерна, егоистична и не братска политика на Русија кон другите народи, а пред сѐ кон словенските народи, кои сѐ уште сака да ги владее. Само како пример ќе го наведам црковното прашање за МПЦ-ОА. Кога Синодот на МПЦ-ОА побара од БПЦ да и подаде братска рака (мислам дека тоа беше во 2017 година) и да и помогне во решавање на црковното прашање, БПЦ се огласи и најбратски тргна со двете раце да и излезе во пресрет на МПЦ-ОА, но за кратко застана и ѝ сврте грб. Зошто тоа се случи? До тоа дојде (откако Русија и РПЦ видоа дека БПЦ е спремна да им помогне на своите браќа од Македонија) поради притисокот од страна на Русија и РПЦ (нели се сеќавате во Бугарија дојде и рускиот патријарх Кирил (КГБ човек) да им одржи историски лекции на Синодот на БПЦ и на Владата на Бугарија, види: https://religija.mk/shokanten-nastap-na-ruskiot-patrijarh-bugarskiot-pretsedatel-dobi-ruska-lekcija-vo-svojot-kabinet/ ) и Србија и СПЦ. Русите испратиле и две заканувачки писма до Синодот на БПЦ, кои писма не излегоа во јавност и беа скриени од страна на Синодот на БПЦ, поради страв да не им се случи нешто (тоа ни е многу добро познато од историјата што се случува со некој кога е против Русија). Исто така заканувачко писмо испрати и СПЦ до БПЦ, кое пак писмо излезе во јавност (https://fokus.mk/spts-isprati-pismo-do-bpts-so-navredi-kon-mpts-oa-poddrshkata-na-shizmatitsite-mozhe-da-ja-narushi-nashata-sorabotka/ и https://news.bg/politics/srabskata-tsarkva-byasna-na-bpts-makedonskata-tsarkva-mozhe-da-e-samo-srabska.html ). Инаку денешната политика на Русија и РПЦ во поглед на македонското црковно прашање е дека Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија треба да стане дел од (да се потчини на) Српската Православна Црква (тоа ве уверувам дека нема никогаш да се случи!). Благодарение на тие погрешни политики на РПЦ и СПЦ, денес во Македонија имаме и расколничка Црква во лицето на ПОА (Православна Охридска Архиепископија) – Српска Патријаршија на чело со влавот од Битола Јован Вранишковски (кој пак порано беше владика во МПЦ-ОА).

Интересот на Русија (која отсекогаш имала само личен интерес) бил да има влијание на Балканот, да го владее Балканот, затоа ја поддржува и стимулира идејата за една федерација на сите јужнословенски народи под капата на Русија (СССР) т.е. (параноичниот) Сталин (тоа не е ништо ново во политиката на Русија која отсекогаш сакала да владее со словенските народи). Тито и Димитров (генерален секретар на Коминтерна) беа чеда на Сталин. Но, за да го реши „македонското прашање“, кое со години создаваше и сѐ уште (како што гледаме) создава раздор, по идеја на Сталин (техничкиот секретар на Коминтерната Куусинен го истакнува лозунгот „правото на самоопределување на народите до одделување“) е изготвена резолуција од страна на полскиот евреин Максимилијан Хорвиц и чехот Бохумир Шмерал, во која учествува и Димитар Влахов, за создавање и признавање на македонска нација и јазик. Таа резолуција е одобрена од Коминтерната на 11.1.1934 година и комунистичките партии на Бугарија (БКП), Грција (ГКП) и Југославија (КПЈ) работат за формирање на новата нација. Таа идеја вештачки и на сила беше наметната и извршена, што резултираше со денешната Македонска држава и нација.

ВМРО (обединета), која прва (во 1932 год.) се залагаше за создавање на одделна македонска нација, била формирана (1925 год.) со поддршка на Коминтерната и македонските комунисти. Во неа членуваат левоориентирани сили на ВМРО (Павел Шатев, Панко Брашнаров, Димитар Влахов, Тодор Паница, Михаил Герџиков и др.), кои, повеќето од нив со ваквата одлука биле незадоволни, бидејќи се чувствувале за Бугари. Член на Обединета е и српскиот агент Лазар Поповски, кој на југословенското (српското) воено аташе Танасије Диниќ му давал информации за движењето на комитските чети, кои од Бугарија, преку Италија и Албанија влегувале во Македонија. Диниќ го искористил Поповски за да формира пројугословенска група во Обединета. Тој исто така е и врската на југословенските служби со протогеровистичкото ВМРО (Југословенската влада на протогеровистите им давала револвери и финансиска помош од 100.000-175.000 лева месечно). Доаѓа до расцеп во коминтерновската ВМРО (Обединета) откако Павел Шатев, Михаил Герџиков и Георги Занков ја напуштаат организацијата. Само дел од македонските комунисти ја прифатиле оваа резолуција и до 1945 година таа немаше пуштено здрав корен меѓу македонското население, бидејќи тоа беше со бугарско национално самосознание (тука не спаѓаат другите националности). Работи по директива на Балканскиот федеративен центар на Коминтерната на чело со Георги Димитров.

Тука мора да ја споменам и МФО – Македонската Федеративна Организација (тоа се така наречените федералисти), која исто така е комунистичка и поткрепена од Коминтерната, влегува во борби против чети на ВМРО (Автономистичко), основа весник „Македонско сознание“ со пројугословенски погледи кој се печати во Белград; еден дел од членовите преминуваат во служба на Србија. Тодор Паница отцепувајќи се си создава своја МФО, која со поддршка на Грција и Кралска Југославија работи за уништување на ВМРО (затоа е и убиен од Мелпомена (Менча) Карничева, жената на Ванчо Михајлов). Дел од дејците се присоединуваат кон БКП и ВМРО (Обединета). ВМРО (Автономистичко) презема неколку акции за чистење на Пиринскиот дел од дејци на БКП, БЗНС, МФО и други леви сили.

Но, пак ќе повторам, дека нашата македонска државност, идентичност и нашиот македонски јазик (кодифициран во 1945 год.) никој не го оспорува и негира.

Но, ајде малку да се вратиме наназад во историјата. Да видиме од каде започнува тој сплет за нас (денешните Македонци) и Бугарите. Зошто со децении нашиот народ се викал, а и сите други народи го викале и запишувале како „Бугарски“? Не малку се примерите, доказите, фактите…

Ќе почнам од св. Климент и св. Наум и од св. кнез Борис – Михаил, Покрстителот…

Автор: Тодор Вангелов

Првиот дел прочтајте го овде.