МАКЕДОНСКАТА ГОЛГОТА(1)

Тежок е моментот да се пишува за вистината. Таа е форма која, ако не секогаш, тогаш во повеќето случаи знае да ја разори душата на човека и да го дотера пред амбисот на самоуништувањето. Но замислете, само ако за момент застанеме и го искористиме разумот што Бог
ни го дал, токму за да ја согледаме вистината и ја прифатиме таква каква што е, а не како што одредени сили сакаат да ја прикажат и како отров да ја инјектираат во нашите вени, ох, замислете
го само чувството на ослободување, на растење на духот, на здравите корени на вистината кои ќе бидат темели на нашиот вистински идентитет како човечки суштества. Не, ова не е четиво наменето
за некаква теорија на вистината. Ова е четиво за вистината на еден народ за неговата борба, заблуда и јадови.

Како создание што животот го посветува на вистината и живее во вистината и од љубов кон сѐ човечко, чувствувам должност да кажам дека пред сѐ, овој текст не е пишуван да сее раздор и омраза помеѓу македонското население, на кое што и јас припаѓам, туку напротив, целта ми е секој Македонец да се отрезни, да се разбуди и да ја согледа вистината, која со години смислено и систематски е прикривана од него и во таа вистина да се сплоти во една кауза – кауза за Македонија. Патот кој го оди овој народ никогаш не бил лесен, а во склоп на настаните денес никогаш нема и да биде. Раздорот и непријателството садени низ годините, денес толку многу излегуваат на површина, што го загадуваат и воздухот околу нас. Но, да се вратам на суштинскиот дел на ова четиво, за кое како што кажав и погоре нема да биде четиво наменето за некаква теорија на вистината, туку за Голготата на еден народ која и денес трае, но во поинаква фора од претходната. Размислувајќи од каде да ја започнам колумнава, решив да почнам со Стојан Новаковиќ и измислената, од него, идеологија за македонизмот.

Денес, несомнена и неоспорена е реалноста за постоењето на македонската држава, македонската нација, македонскиот јазик и македонската Православна Црква. Тоа, сакал или не, никој не може да го негира, оспори, избрише… Но, проблемот не е во постоењето на Македонците и Македонија, туку во историјата, во она што се случувало пред 1944 год., но и по 1944 год.

Деновиве во нашата држава владее некое лудило на збунетост и неинформираност што наведува еден определен круг на луѓе да ги напаѓаат Бугарите и Бугарија. И тоа не застанува само
на Бугарите од Бугарија, туку продолжува и врз оние што се декларираат за Бугари во Македонија. Доволно е само да се отвори некоја социјална мрежа, пример ФБ и веднаш ќе сретнеш група „Ајде
да плукаме по Бугарите“, каде што има список со имиња на некои македонски Бугари. Што правиме ние, жигосуваме? Па нели е тоа еднакво на примитивизам, малограѓанство, на не демократичност?
Зарем денес во демократско општество (според мене демократија е пишан збор само на хартија) нема ли право секој еден човек да се чувствува како што сака? Има ли тука простор, токму поради
тоа некој да го омаловажува и плука? Па зарем тие луѓе, по потекло од Македонија, не се ли наши браќа, сестри, пријатели?

loading...

Дојде времето, Македонците да престанат да делуваат на принципот
„рекла – кажала“ и да излезат од маѓепсаниот лавиринт каде бесцелно талкаат и удираат со главата во ѕид по наредбите на некој, кој е без идеали, туку само со чувство и желба за моќ.
За нашиот идентитет и јазик, односно за македонскиот идентитет и македонскиот јазик, гледам дека ДПМНЕ води кампања како Заев сакал да го продаде идентитетот и јазикот. Тука ќе
прашам: Каде од бугарска страна некој го негира постоењето на македонската нација и македонскиот јазик? Во сите изјави што можев да ги проследам без разлика дали од Захариева, од
Ковачев, па и дури од Каракачанов, никаде не можев да слушнам, прочитам некој да прави проблем за тоа како ние да се декларираме од создавањето на АСНОМ-ска Македонија. Каракачанов дури
на интервју, дадено за ТВ Сител зборуваше на македонски јазик, со што и го потврдува постоењето на јазикот. Но, така сакаат некои од ДПМНЕ да го прикажат проблемот, дека Бугарите сакале да нѐ
бугаризираат – што не е точно! А тие, ДПМНЕ – Ваљево, како што љуби да се изрази господинот Виктор Канзуров, ако дојдат на власт (бидејќи тоа им е целта), според не официјални извори, спремни се да го потпишат истиот договор.

Не се согласувам со ветото од страна на Бугарија (но како оптимист верувам дека секое зло е за добро) и со сегашната нејзина политика (ќе ја наречам) на притисок и насилие. Не се согласувам со тоа дека еден договор, вака донесен, ќе промени нешто, барем не гневот и омразата кај народот (бидејќи тука во Македонија сме задоени со нешто различно од тоа во Бугарија). Ги разбирам и двете страни и македонската и бугарската, но мислам дека треба и Бугарија да нѐ разбере нас, зошто сме вакви, какви што сме (затоа и ја насловив колумнава „Македонската Голгота“). Тука би ја
цитирал мојата добра пријателка, другарка, сестра која јас ја нарекувам Мара Бунева, бидејќи по карактер е иста или слична како неа: темперамента, храбра, борбена, достоинствена, пожртвувана,
но и чувствителна и полна со љубов и добрина. Другарка ми знае за историските вистини, но малку револтирана од реториката на некои личности од Бугарија, знае да каже: „Добро, еве сѐ нека земат.
И историјата. Само нека не остават да сме Македонци.“

Најдоброто, најреалното и вистинско решение денес за (Северна) Македонија и Македонците е да си бидат (Северна) Македонија и Македонци (бидејќи многу тешко некој денес да се пише Бугарин) со вистинска историја односно со бугарски корени. За да бидеме свои на
своето, помирување мора да има т.е Македонија да ги прифати историските вистини. Така пред да се осврнам на Стојан Новаковиќ морам да напоменам уште една-две работи.
Зошто само кога од бугарска страна ќе се каже дека цар Самуил или Гоце Делчев биле Бугари и т.н. се реагира бурно од наша страна? Тогаш сите медиуми објавуваат и шират омраза против Бугарија.
А, ако од српска страна некој каже дека Гоце Делчев е Бугарин (што се случи со промената на името на една улица во Србија со образложение дека бил бугарски терорист), тогаш од македонска страна има молк, тоа не се објавува ни на вести, ни по медиуми, ниту некој од власта го коментира тоа. Гледав една српска емисија „Српски свијет“ на српска Национална ТВ пред некое време и во студиото гостуваше српскиот историчар Владимир Тодиќ, каде што кажува дека цар Самуил бил Бугарин. И очекував од наша страна после таа изјава да има лавина од напади, реакции, но за жал не се случи тоа. Не дека човекот не беше во право, туку ако тоа го изјавеше некој Бугарин, мислам дека Македонија да можеше ќе и објавеше војна на Бугарија.

Ако добро се сеќавам, РТС 1 (Радио Телевизија Србија) направи еден документарец, каде што Мијаците ги прикажуваат дека се Срби. Тоа значи, дека и Даме Груев кој е Мијак по потекло од Смилево, бил Србин. Но, повторно од македонска страна немаше реакции за документарецот и за таквите изјави. Од наша страна секогаш има молк кога станува збор за Србија. Зошто? Сѐ уште ли се живее во страв од Србите или пак тоа докажува дека сите медиуми се сѐ уште се заробени од УДБашки структури? Толку ли е моќно српското лоби во Македонија?
Читајќи го научниот труд „Антијугословенско деловање ВМРО-а из Бугарске (1923-1924): Спољно политички и безбедносни аспект“ на др. Иван Ристиќ од Крушевац, Србија, наидов на следново: „Највећи проблем у југословенско-бугарским послератним односима
било је тзв. „комитско питање”, односно деловања чета Унутрашње македонске револуционарне организације (ВМРО), које су на југословенску територију упадале из Бугарске, где су се у
пограничним деловима налазиле базеорганизације. Главни циљ ВМРО-а био је присаједињење југословенског дела Македоније (Вардарска Македонија) Бугарској.“
Покрај сите пишани дела и изјави од страна на нашите историчари, србинов пишува дека главна цел на ВМРО била Македонија да се соедини со Бугарија? Нешто ново ли е ова за македонската историја, за македонските академици, за македонскиот народ? Ристиќ понатаму пишува: „Почетком августа Београд је упозорио бугарску владу да ће предстојеће прославе десетогодишњице Илинденског устанка бити третиране као провокација и кршење Нишког споразума. Кршење споразума је објашњено чињеницом да је нова влада дозволила македонске манифестације и листове које је предходна влада, у складу са споразумом, забранила.“

Еден Советски (Руски) извештај кажува за ултиматум упатен од кралство СХС до Бугарија во шест точки и тоа:
1. Да се забрани македонскиот печат;
2. Да се раселат комитските војводи и чети од Софија и од пограничните области во внатрешноста;
3. Бугарското Министерство за внатрешни работи да направи проверка на состојбата во Пиринскиот крај и таму да ја промени
автономистичката администрација;
4. Свикување на Југословенско-Бугарска комисија во
согласност со Нишкиот договор;
5. Екстрадиција на Тодор Александров;
6. Екстрадиција на други лица обвинети за насилство во Македонија и Поморавието за време на Првата светска војна.
Бугарија одбила да ги изврши 5 и 6 точка. Дури и Британија барала да се растурат комитските чети. А ако погледнеме уште поназад во 1895 год., во 1898 год., па во 1906 год. и 1907 год., во тајните руско-бугарски договори, гледаме дека Русија бара од Бугарија да се ликвидира ВМРО односно македонското движење и да се уапсат сите чети кои се формирани на нејзина територија и Бугарија да не се меша во македонското прашање, ниту пак во иднина да го решава со вооружена сила. Погледнете, Србија бара од Бугарија да се забрани прослава во чест на Илинденското востание, да се растурат комитските чети, да се предаде Александров, да се забрани македонскиот печат односно на ВМРО. Ова е можеби и одговорот на прашањето од водителот на ТВ Сител до Каракачанов: „Зошто во Бугарија 23 Октомври (денот на ВМРО) не е државен празник?“
Но, јас сакам повторно да прашам: Зошто никој на ваквите изјави од страна на Србите не реагира бурно, нападно, осудувачки, со омраза, гнев…?
Сето ова досега пишано ме уверува во зборовите на г-дин Младен Србиновски кој вели:
„Македонизмот сплотува само кога се насочува против Бугарија“.
Ајде сега да погледнеме малку во историјата (светски прифатената и признаената, а не само од македонските кругови), да видиме таа што нѐ учи.

Автор: Тодор Вангелов
Продолжува


loading...