Еврокомесарката Екатерина Захариева ќе ја посети Бугарија на 29 и 30 октомври
Европската комесарка за стартапи, истражување и иновации, Екатерина Захариева, ќе престојува во Бугарија на 29 и 30 октомври, каде што ќе има средби со претставници на институциите и ќе учествува на повеќе настани посветени на иновациите, технологијата и научноистражувачката дејност, јавува бугарската телевизија НОВА.
Во четврток Захариева ќе се сретне со бугарскиот министер за образование и наука Георги В’лчев, по што ќе учествува на заедничка седница на парламентарните комисии за европски прашања и контрола на европските фондови и за иновации и дигитална трансформација.
Еврокомесарката ќе учествува и во дискусија во рамките на Форумот за стартап-компании, технологии и вештачка интелигенција „Crossroads“.
Подоцна Захариева ќе говори на информативниот ден посветен на Европскиот совет за иновации (ЕСИ), настан на кој детално ќе бидат претставени можностите за финансирање што им се достапни на бугарските иноватори.
Таа ќе присуствува и на отворањето на конференцијата на EURAXESS, европската мрежа за поддршка на истражувачите и професионалната мобилност.
Во петок Захариева ќе учествува на конференцијата „Црно Море 2030: Безбедност, отпорност, иновации“ во Бургас.
Во последните години Бугарија бележи потенцијал за развој на науката и иновациите. Во рамките на програмата „Хоризонт Европа“ за периодот 2021–2027 година, бугарските мали и средни претпријатија досега обезбедиле 71,6 милиони евра финансиска поддршка од Европската Унија, во споредба со 40,2 милиони евра во рамките на претходната програма „Хоризонт 2020“, која се спроведуваше од 2014 до 2020 година.
