ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ПРЕДЛОЖИ ПОЧЕТОК НА ПРЕГОВОРИТЕ ЗА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
Северна Македонија доби зелено светло од еврокомесарот за проширување Јоханес Хан за започнување преговори за членство во ЕУ. Тој му предложи на советот да даде датум за почеток на пристапни преговори на Северна Македонија и Албанија, за влез во ЕУ.
Според Хан, Северна Македонија и Албанија ги исполниле амбициозните реформи и постигнале напредок. За Северна Македонија го потенцираше договорот од Преспа и договорот со Бугарија, како светла точка за добрососедство и регионална соработка и успешните реформи во правосудството.
„Со задоволство Северна Македонија и Албанија ја реализараа можноста за трансформација на нивниот правосуден принцип. Северна Македонија продолжи со амбициозната реформска агенда и се разреши спорот со името, договорот со Бугарија е пример за зацврстување на регионалната соработка, што е светол пример. Двете земји ги имаат испорачано реформите. ЕК предлага советот сега да го отвори датумот за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија“, порача Хан.
Следно е предлогот да биде одобрен и од советот на министри на земјите членки на ЕУ, кој треба да се одржи во јуни. Тогаш ќе се знае дали земјава ќе добие датум за преговори за членство во ЕУ.
Минатата година Европската Унија даде условна препорака за почеток на пристапни преговори доколку земјата ги изврши реформите, односно ги задоволи критериумите што важат во ЕУ.
И покрај напредокот, Србија и Црна Гора треба да продолжат со реформи во правото, нагласи Хан и додаде дека тоа е предуслов за овие земји да продолжат со европските перспективи.
Извор: Макфакс