|

Европскиот суд за човекови права утврди повреда на правото на слободно движење на лицата од ромската етничка заедница

Европскиот суд за човекови права донесе пресуда во случајот „Мемедова и другите против Северна Македонија“ утврди дека на четири лица, граѓани на С. Македонија, припадници на ромската етничка заедница, им било повредено правото на слобода на движење и забраната за дискриминација од страна на граничните служби.

„Овие четири лица беа жртви на незаконската пракса која ја применуваше МВР во период од 2011 до 2016 со која на лицата од ромската етничка заедница, им беше честопати забранет излез од државата, без законска основа и честопати на начин со кои се повредува нивното човеково достоинство.

Македонското здружение на млади правници, во соработка со тим од адвокати и со Европскиот центар за правата на Ромите обезбедуваше правна помош на овие лица за водење на постапки пред домашните судови. Во одреден дел овие постапки беа успешни, а во одреден дел не. За четирите лица, за кои се однесува одлуката од Европскиот суд за човекови права, МЗМП обезбеди адвокати и ги покри трошоците за водењето на постапките вклучувајќи го и изготвувањето на жалбите и застапувањето пред Европскиот суд за човекови права“, се наведува во известувањето.

Со оваа одлука, како што се појаснува, практика на државните органи која погрешно се оправдуваше како заштита на штотуку воспоставениот безвизен режим, доби и квалификација од страна на Европскиот суд за човекови права како дискриминаторска и која спротивно на Европската конвенција за човекови права ја ограничуваше слободата на движење на нашите сограѓани од ромската етничка заедница.

„Дека практиката е спротивна на меѓународните стандарди и особено на домашното законодавство укажуваше МЗМП како и други граѓански организации подолг временски период. За жал, барањата на организациите за прекин на практиката и обесштетување на оштетените не беа услишани на време и сега повторно државата се наоѓа во фокус на ЕСЧП како држава која не ги штити правата на своите граѓани.

ЕСЧП утврди дека жалителите, сите од ромска етничка припадност, се соочиле со дискриминација од рацете на граничните полицајци. Пресудата нагласува дека таквата дискриминација е кршење на основните човекови права. Исто така, правото на апликантите на слобода на движење беше непобитно повредено како и сторената дискриминација.Судот утврди дека тие биле издвоени исклучиво поради нивната ромска етничка припадност. Во одлуката беше забележано дека дејствијата на службениците и органите за гранична контрола немаат какво било објективно или разумно оправдување. Дискриминаторските практики беа очигледни, без оглед на индивидуалните околности на апликантите“, се истакнува во заклучокот.

Слични Објави