|

ФАЈНАНС ТИНК: 25 000 ЛУЃЕ ВО ЗЕМЈАВА ЌЕ ЗАПАДНАТ ВО СИРОМАШТИЈА ПОРАДИ КОВИД-КРИЗАТА


Поради пандемијата, стапката на релативна сиромаштија во земјава ќе се зголеми за 1,2 процентни поени, што значи дека нови 25 илјади лица се втурнати во сиромаштија за време на ковид – кризата, покажува анализата на FINANCE THINK – Институтот за економско истражување и политики – Скопје, која се базира на истражувањето „Колку ковид-19 влијае врз сиромаштијата во Северна Македонија?“.

Но, според Институтот, уште позагрижувачки се резултатите за апсолутната сиромаштија, според кои, поради кризата, нови 100 илјади лица ќе живеат со помалку од 5.5 долари (според паритет на куповна сила) односно 126 денари на ден.

„Кризата предизвикана од ковид-19 силно ги погоди нискодоходовните групи граѓани кои најчесто работат на нископлатени работни места или се дел од неформалната економија, примаат социјални трансфери или дознаки од странство“,се вели во анализата.
Од Институтот на денешниот брифинг ја повикаа Владата за дополнителни напорти во информирање на населението за една од мерките – олеснување на критериумите за стекнување гарантирана минимална помош, која според експертите од Фајнанс Тинк има потенцијал да извлече 24 илјади лица од екстремна сиромаштија што се дефинира како живот со помалку од 1.9 долари (44 денари) на ден.

Ваквата порака до Владата ја упатуваат бидејќи истражувањето покажало дека до јули годинава, потенцијалот е искористен само 65%, што значи дека уште 9 илјади лица имаат можност да влезат во системот на ГМА и да излезат од екстремна сиромаштија.

„Дополнително, им предлагаме на носителите на политики, олеснетите услови за стекнување гарантирана минимална помош да продолжат да важат и во 2021 година, и да се воведе времен додаток на гарантираната минимална помош и времено дополнително олеснување на доходниот услов, со цел да се опфатат, покрај најсиромашните, и дел од ранливите слоеви од населението“,

посочија од Институтот за економско истражување и политики на денешниот брифинг.
Целото истражување можете да го прочитате тука.

Слични Објави