Фемицидот и мизогинијата во Северна Македонија – наследство од југословенскиот комунизам
Пишува: Ели Секуловска
Длабоко вкоренето во свеста на жените кои ги преживеаа траумите на титовиот логорашки систем, а за тоа со децении не смееа да говорат, и се’ уште е табу тема, па свесно или несвесно траумите на нашите баби се трансгенерираа и на нас, нивните внуки. Ние се‘ уште мораме да молчиме бидејќи сме постојано заплашувани, замолчувани, опоменувани. Темата за жените затворенички во времето на југословенскиот комунизам беше и се‘ уште е свесно заташкувана со промисла дека прашината на времето што изминува ќе ги покрие направените злосторства врз нашите баби од страна на југословенската УДБа.
Сведоштвата на жените кои биле телесно и духовно оскатувани во логорите за време на титовиот режим, ќе го поттикне и големиот израелски писател Давид Гросман да ја напише книгата со наслов “Кога Нина знаеше”, а истата е преведена на многу јазици. Гросман зборува за поимот трансгенерациски пренос на траума како болка што ја наследуваат децата и внуците. Без разлика дали вашите баби ви ја кажале целата или делумно вистината за сопствените трауми и страданија, потомците живеат во атмосфера која влијае на нив. Траумата се пренесува несвесно и ненамерно преку низа на невербални однесувања .
Често пати ќе ми кажат да не “гибам” по старите рани ! Не, не се работи за отворање и продлабочување на старите рани, туку обратно, треба да се кажaт траумите на нашите баби заради зацелување, оздравување,заради одврзување на веќе заврзаните јазли на трауми и болка. Неопходен е ревизионизам за да може да го согледаме местото на жената во епизодите на титовиот политички терор, се со цел таквите злосторства никогаш повеќе да не се повторат. Тоа би било темел за една демократска, плуралистичка култура на сеќавањето.
Но, до денешен ден, ниту една телевизиска куќа и ниту еден печатен медиум во Северна Македонија не се осудува да зборува за женските логори во комунистичка Југославија. Очигледно дека жените-жртви на логорашкиот систем после 1945 година, треба да бидат избришани од колективната меморија.Следствено на тоа, сметам дека никој не ја знае точната бројка на девојки и жени од Македонија кои биле носени во најголемите југословенски казамати; затворани, измачувани, па дури и убивани од страна на УДБа. .
Еден писател, еден гениј Данило Киш ќе проговори и пишува за тоа, но ќе биде прогонет и девалвиран со ситемските им југо комунистички форми на репресија , “невидливи” и “непрепознатливи” ниту за еден странец кој би се фатил за глава доколку му бидат презентирани, ниту пак за обичниот граѓанин на тогашната СФРЈ ; простодушен и ненаметлив, граѓанин кој не претставуваше никаква “закана” за тогашните властодржци. Тоа беа форми кои се напати недокажливи, но се многу репресивни по својата тежина и формат за тие за кои беа наменети.
Данило Киш ќе ги интервјуира двете жени, Еврејки, Жени Лебл и Ева Нахир – Паниќ,кои сосема невини ќе завршат на Голи Оток и островот Св. Гргур, каде фукционирал женскиот логор од 1950 до 1956 година.
„Југославија победи на меѓународниот натпревар за цвеќиња со тоа што порасна бела љубичица тешка 100 килограми (мислејќи за Тито)” – беше вицот што го кажала Жени Лебл, новинарка, препознатлива по нејзиниот одличен и оригинален стил на пишување. Таа требало наскоро да замине во Париз како дописник на белградкиот весник “Политика”, но заради вицот за Тито со што невино се пошегувала пред колегите, била накодошена и пратена на робија во траење од пет години во еден од најстрашните ју казамати, на островот Св. Гргур.
Втората Еврејка, Ева Нахир- Паниќ, била исто така невино осудена на робија на Голи Оток и Св. Гргур, за потоа сите свои трауми да ги изложи пред Данило Киш. Писателот Киш, како сублимат од сведоштвата за логорашките трауми на Ева и Жени ќе го сними документарниот филм “Гол Живот”.
Кишовите новели од „Гробницата за Борис Давидовиќ“ и „Енциклопедијата на мртвите“, заедно со новелите кои се постхумно објавени во книгата „Лаута и раните“, почиваат токму на реконструкцијата на поединечните човечки судбини од големите механизми на историјата, олицетворени во комунистичко монтираните процеси, идеолошките извртувања и политички слепата сила која човечките животи ги доживува како попатни статистички факти во масовните случувања на таа епоха.
Но, за мизогинијата, или институционалната омраза спрема жените кои биле храбри, интелигентни, неконформисти, независни и кои биле осудени на робија ќе говорат и мноштвото од изкази, сведоштва и пишувани мемоари. Доколку се проучуваат сведочењата на жените – жртви на титовиот тоталитаризам, ќе се заклучи дека фокусот на репресивниот состав бил на образованите, талентираните и амбициозни жени. Никаде, во ниту еден друг логор на светот, какви што беа титовите женски логори, немаше такви понижувања на жените. Целта им беше не само физички, туку и духовно да ја им уништат личноста, да ги направат крпи, морални чудовишта, да ги уништат одвнатре, да ги унакажат, да ги направат духовни инвалиди; да се гадат самите од себеси и да се срамат од тоа што го преживеале. Затвореничките најчесто биле тепани по задникот со мокри јажиња, косите им биле скратувани со ножици за стрижење на овци, биле намерно унакажани, така што на едниот дел од главата им висела коса, додека пак на другиот дел немале воопшто коса. Биле нарекувани со погрдни имиња – проститутки и животни. После враќањето од логорите, жените биле предмет на јавно, церемонијално срамотење, понижување на јавни места, за потоа кај нив да се интериоризира чувството на вина и срам што ќе ги прати до крајот на животот. Тоа беше атак на нивната чест, на нивниот телесен и духовен интегритет како и на личната авотномија и самодоверба. А кога на некој систематски му се уништува самодовербата, потребен е долг процес на залекување. Кај нив беше постојано присутно чувството на страв, срам, апатаја, морална конфузија; едноставно тие беа живи мртвоци. Чести биле и случаевите на самоубиства на жени. После враќањето од затворите во „нормалниот“ живот, никоја од тие жени не успеала да се реинтегрира во општеството.Им биле одземени имотите како и граѓанските и политичките права, а во некои случаи и родителските.
Исто така, 90% од затвореничките по југословенските казамати во тогашниот ригорозен комунистички режим, останале неплодни. Замислете, во барака од 20 метра живеат 100 жени, затворенички. Голем дел од нив имаат редовен менструален циклус, а нема хигиенски средства, нема вода, додека пак сапунот им е мислена именка. Измачувањата и стресот ( биле измачувани исто како и мажите), ќе направат од нив бледи сенки кои никогаш нема да го заборават злото. Бившите логорашки, не еднаш се прашуваа како е можно некој со човечки лик да им прави такво зло на друго човечко суштество, па животот во логорот го доживуваа како живот помеѓу ѕверови.
Денес, после 70 и повеќе години преќутување на таквите злосторства спрема жените, ми се наметнува прашањето: Дали фемицидот во Македонија беше и се‘ уште е индивидуално злосторство или злосторство со соучесништво на државата?
Зборот Фемицид ( fem- жена и cide -убиство) е прв пат употребен во Велика Британија во 1801 година. Покасно, во 1976 година, на Меѓународниот трибунал за злосторства спрема жената, терминот го употребува Дајана Расел, за потоа да добие и одредена дефиниција, попрецизно, фемицидот е убиство ( директно или индиректно од страна на маж од омраза, презир, материјално искористување или чувство на превласт спрема жената). Морам да истакнам дека токму во тој крвав период 1945- 1953 година имаше класична злоупотреба , изразен фемицид , сексуално злоупотребување и измачување на многу жени од страна на мажи кои работеа во УДБа. Садизмот на кој во текот на измачувањето биле изложени осудените жени открива мизогинија без пардон во историјата, таква што не може да се објасни со тежината на било кое конкретно злосторство. Покрај тоа што се вршела жестока тортура врз затвореничките во текот на денот, тие навечер биле будени на секои 15 минути, им била скратувана храна како и вода. Не можам да го сфатам тоа насилие врз баба ми, една од осуденичките во затворот Идризово, но измачувана со месеци во исражниот затвор на УДБа-Битола ,од маж, кој бил неколку кратно појак од неа, па толку физички се иззживувал за таа да добие инфаркт! Потоа, во затворот Идризово и ја повредиле и ногата со што ќе остане доживотен полуинвалид; многу тешко ја движеше ногата. Долго време барав слика од човекот кој го правел тоа во истражниот затвор, ( инаку прогласен за народен херој), за на крајот да видам дека се работи за човечка карикатура, лик кој доколку би го анализирал Ломброзо, веднаш би заклучил дека се работи за едно клеточна амеба со криминални афинитети. Каков ли бил тој лик, кој и ги вадел прстените од рацете и бурмата и и’ барал пари, и се заканувал со децата, и се иззживувал физички врз неа? Удба ја тераше баба ми да се откаже од дедо ми и да се разведе од него, но таа никогаш не потклекна.
Фемицидот врз баба ми продолжи до крај. Додека сите машки глави на фамилијата беа по ју казаматите ( Голи Оток, Добој и Идризово), после враќањето од затворот баба ми била оставена без дом и без храна, со две малолетни деца. .
Фемицидот може да биде директен или индиректен. Директниот фемицид е физичка тортура што може да доведе до смрт или трајно физичко оштетување , како што беше случајот со баба ми и насилното убиство на Рајна Алкесова. Индиректниот фемицид може да биде намерно донесување во тешка економска состојба чија цел е изгладнување, а секако тое е правено со соучешништво на тогашниот државен апарат кој пак е директно одговорен за таквите атаци врз жена и две малолетни деца.
Денешната оставштина на тогашниот титов комунизам не престана со истите облици на мизогинија и фемицид. Титовите комунисти се фалат дека направиле многу за женските права, но доколку се погледнат статистиките, ќе се види дека само 5 – 7 % беше застапеноста на жените во највисоките органи на државната власт. Во титова Југославија можеби жените добија право на глас, право на наследување, се зборуваше за некакви женски права,но разликата помеѓу прокламираното и реалното беше голема.
Се‘ уште неосудените злосторства врз жените логорашки,направени од тогашниот удбашки титов режим означува одобрување. Затоа што секој молк означува одобрување, а одобрувањето на фемицидот и мизогинијата и после 70 и повеќе години е показател за ниското ниво на граѓанска свест во Северна Македонија.
Денес,насилството врз жената, физичко, директно и индиректно е структурален проблем па затоа не се препознава во сите свои појавни облици и не е доволно видливо, што доведува до неадекватен општествен одговор, т.е до не казнување. Испреплеткано како концентрични кругови кои вклучуваат структурални, институционални фактори, насилството и денес е институционализирано во општествените и економски сфери . Насилството врз жената е методологија на пост комунизмот, а фемицидот останал во наследство како врв на ледениот брег.

