ФИЛИПЧЕ: НЕ Е ИСКЛУЧЕНО КОРОНАВИРУСОТ ДА Е ПРИСУТЕН КАЈ НАС И ОД ПОРАНО
Kај мајката и синот кој во понеделникот беа пронајдени мртви во стан во Велес е пронајден примерок од ковид-19. Мајката била на возраст од 89 години, а синот на 53, јавува 360 степени.
Податокот од обдукцијата за времето на смртта, го отвори и прашањето дали коронавирусот бил присутен во земјава многу пред 26 февруари, кога беше дијагностициран првиот случај.
На новинарско прашање на Алсат ТВ, дали во земјава имало ковид-19 уште околу новогодишните празници со оглед на тоа што обдукцијата на мајката покажала дека починала на почетокот на јануари, министерот Венко Филипче одговори:
„Во однос на починатите од Велес, најден е вирусот во примерок од нивното дишно стебло. Многу тешко е да се каже што е точната причина за смртта. Но, во насока на значајно поголемиот број на пациенти со грип во оваа сезона (37 илјади годинава, наспротив 20 илјади во просек од минатите години), не е исклучена можноста вирусот да бил присутен во нашата земја порано. Посебно имајќи предвид што се повеќе излегуваат публикации дека има асимптоматски носители на коронавирусот“.