Филистејски Арапи и јудејски Евреи
Фејсбук статус на Никица Корубин
Актуелниот жесток судир на Хамас со Израел, погрешно третиран како палестинско-израелски судир, иако основата е одамна поставена токму за тоа, е всушност и за жал на сите жртви, одличен лакмус за целиот вешто прикриен шовинизам, антисемитизам и ксенофобија. Омразата и примитивизмот која се излева низ градовите во светот, на про-палестинските протести, во јасен и нескриен фашистички манир, во “име на палестинскиот народ” ги компромитира сите добри намери и искрени желби на цивилизираниот свет.
Идентификацијата на Хамас со сите Палестинци, и одбивањето да се стави јасна дистинкција помеѓу терористичка организација по постапувањето и кон сопствените Палестинци, а не само кон Израелците; говори токму за тој скриен, шовинизам и конзервативизам што тлее кога се говори за “палестинското прашање”.
И оправдувањето оди на стандардната линија “а, кој прв почна”, легитимирајќи го на тој начин секое сегашно, минато но и идно насилство, на “страната” која е одбрана. И како и секоја “добра хегемонија”, главниот аргумент и тука, со сите свои историски специфики и посебности, е “територијата”. Кој кого окупирал и кому таа територија изворно припаѓа.
И тоа и преку ова прашање, исто како и преку нападот на Русија врз Украина, или нападот на Србија врз Косово; претендира на “окупирани и узурпирани територии”, кои нели се изворно палестински, руски или српски. Иако, ризикот на ваквите споредби е голем, затоа што станува збор за различни историски контексти; сепак иманенто станува збор за полагање на историско “право на територија”, во манирот на 19-от век, или било кој век претходно, односно во манирот на стариот империјален свет, а не современиот свет после Втората Светска Војна, кој почива на меѓународно право, а не на силата на посилниот.
Затоа што каде инаку ќе ја поставиме границата, што некому припаѓа? Дали секоја сегашна држава ќе го избере својот “најсветол” историски период и ќе претендира на сопственото право врз него? Тоа ќе биде целосен хаос и анархија, “сите против сите”, кон што потенцијално води и пристрасниот и неселективен приод и кон овој актуелен судир.
Но, има уште една интересна нишка, во пристапот кон палестинското прашање. А, тоа е религијата, односно исламот од една страна и “арапството” како пожелен чувар на исламот од друга страна. Па, така есенцијалната поддршка за Палестинците се очекува “природно” да дојде од арапските земји, бидејќи нели и Палестинците се Арапи. Но, дали се само Арапи, а ако се идентификуваат себе си како Арапи, како тогаш претендираат на “ексклузива” врз територијата?
Таа историска сложеност и дилема е приказната за “границата” од почетокот на текстот, односно како се третира историјата на било која држава или територија, со различните историски периоди, миграции и култури кои се менувале низ вековите? Симплифицирано, во случајот на Палестинците тоа би звучело вака, “Филистејци се или Арапи”? Ако се Арапи, Евреите се постари од нив, на таа територија, а ако се Филистејци, делат многу повеќе сличности од разлики со истите Евреи. Значи, на територијата никој нема ексклузивно право, како што некој сака да го прикаже во “црно-белиот” свет на модерниот хегемонизам и моменталната историска моќ. Во случајот со палестинското прашање, станува збор за воспоставената моќ на арапските држави во даден историски период, која моќ ја диктира “историската вистина” за потребите на реалноста.
Овие финеси не се непознати, ниту за современата наука, а ниту за современата политика. И токму затоа ОН и предлага решение за две држави на таа територија, уште во 1947 година за “арапска и еврејска држава”. Исходот го знаеме, Арапите одбиваат да ја делат територијата, а Евреите прифаќаат, со сите идни судири и војни помеѓу овие, “два света”, толку вештачки далечни, а толку длабоко историски слични. Значи, ако сакаме да бидеме коректни до крај, принципот на хегемонија врз целата територија први ја поставуваат Палестинците, и до ден денес ги живеат последиците од таа погрешна политичка одлука. Тоа се разбира не ги оправдува сите страдања кои следат, но ниту ги амнестира во улога на ексклузивна жртва. Жртви се сите цивили и на двете страни. Но, тоа пак ја отсликува потребата од длабоко искрено и објективно историско познавање, и активна вклученост во политиката на секој еден граѓанин, во пристапот во сопствената држава, но и во просудувањето на случувањата од овој вид.
Исходот води кон враќање на “првичното” решение, две држави на истата територија, која мораат да ја делат. Иако, многу локални, европски и светски “елити” во меѓувреме прилично етички привидно и комформистички длабински се ставија по автоматизам на палестинска страна; само ја покажаа флагрантната површност во историското познавање, како прави софисти и ужасната скриена ксенофобија, на сервираниот политички опортунизам. “Доблесно” е да се биде на страна на жртвата. Некогаш за Евреите, некогаш за Палестинците. Зависно против кого треба да се биде, скриено.
Ништо не е така како што изгледа на прв поглед, или така како што го сервираа некои “до вчера” кредибилни медиуми, кои со своето “информирање” се претворија во брутална неселективна пропаганда. Секој ја завзема страната на сопствената лична фрустрација и/или предрасуда, проектирана и на овој проблем.
А, кај нас во Македонија експресно исчезна тагата и сеќавањето за Евреите кои настрадале во Втората Светска Војна, бидејќи за овие невини современи Евреи, немаше Бугари, туку Палестинци како џелати. До џелатот било, а не до жртвата. А, таа манипулација во пристапот кон било кој проблем, евидентна е и сега.
Нема лесно решение, за сложен проблем, посебно кога цивилните жртви се колатерална штета. Но, јасната дистинкција што е принципот на варварството и рушењето на меѓународниот правен поредок, а што е цивилизацијата и заштита на правниот поредок и принципот на права; мора да има. Затоа што во посакуваниот и проектираниот хаос, жртви ќе бидеме сите. Без разлика на “страната” за која сме “навивале” од безбедно. Безбедно е единствено во цивилизацијата и организираниот систем на живот која само таа го има. А, таа е на мета. Во било кој дел од светот, и во било која историска реалност. Битката е само и единствено за неа.