Македонија во триаголникот Цариград-Софија-Белград
Пишува: Владимир Перев
Во Македонија веќе ништо не е јасно. Не знаеме дали победуваме, или сме поразени, не знаеме кои ни се пријатели, а кои непријатели, не знаеме на која држава и со кое име припаѓаме, не ги знаеме ниту нашите етнички корени (тоа откако грците ни забранија да бидеме букефалисти) и не знаеме во која црква се крстевме до сега и во која ќе се крстиме отсега натаму. Едно време си мислев дека најсреќни се оние кои се чувствуваат југословени, ама и таа фама помина…им се распадна државата.
Велат дека МПЦ беше и остана бранител на нашиот идентитет македонски и бранител на нашата духовност, разбира се, македонска. Така, по македонски, се трубеше од амвоните на нашите цркви. Поголемиот дел верувавме дека навистина сме автокефални, а некои од попаметните нѐ убедуваа дека “не сме, ама наскоро ќе станеме автокефални и рамноправни, само уште малку трпение“!
Фактичката ситуација беше сосема поинаква. Македонската православна црква доби автономија (некои велат широка, ама не е така) во далечната 1959 година од Српската православна црква, за во 1967 година, без одобрение на СПЦ да прогласни еднострано автокефалија и да ја навлече шизмата од целиот православен свет. Уште тогаш некои говореа дека работата не оди така, ама со “нашиот свет“ (и) црковно владееја Тито, Брежнев, Тошката Живков, Чаушеску и ред други разбојници и преваранти, сите редом азијатски тирани, па никој не смееше јавно да проговори. А зошто пак МПЦ требаше да бара согласност од СПЦ е прашање на кое треба да одговорат познавачите на воено-религиската диктатура наложена од српската и грчката црква на териториите на Македонија. Тоа беа речи си исклучиво бугарски-егзархиски територии, а изгубени по поразот на Бугарија во Првата светска војна и наложениот неправеден мировен договор. Не беше само изгубената војна. Тука беа и српските 1.750.000 златни наполеони исплатени на Васељенската Патријаршија, со кои пари СПЦ ги “откупи“ македонските/егзархиски/бугарски епархии од Васељенскиот Фанар, епархии покорени од српската армија. Посредник бил и грчкиот владика во Битола, Атенагора, кој подоцна стана и Васељенски патријарх.
Цели петстотини години Васељенската патријаршија, сместена во квартот Фанар во Цариград е слуга на Отоманската империја и нејзин сојузник и покровител во сите духовни и матерјални злосторства на османлиската солдатеска, извршени над мирното македонско/бугарско население во рамките на империјата. Прашањето е како и кој ги научи македонските премиери, министри, луѓето од културата и општеството, македонските владици и свештеници, да одат во Фанар и да коленичат пред Вартоломеј, патријархот Васељенски и прононсираниот фанариот, грк по раѓање. Каква помош и какви совети се очекуваа од него…србите отишле со вреќи пари уште пред сто години, ние одиме онака, по македонски, со ветување дека “сѐ ќе биде во ред“, па ако нешто треба “ние сме тука“…фанариотот тие приказни ги знае од пред илјада години, тој за нас е академија за празни ветувања.
Ништо не научивме во животот, со себе го носиме проклетството на Тројанците и нивното “timeo Danaos et donna ferentes“. Го добивме и подарокот-право на сослужување со сите православни цркви, одменување на шизмата и напатствие да разговараме со Српската цркава за некаква автономија, која веќе ја имавме од 1959 година. Добивме и “специјален подарок“, тоа дека не сме повеќе Македонска црква, ами некаква Охридска црква, или со резервното име, Црква од Охрид. Дома сме апсолутни господари да именуваме свештеници, ама тоа право сме го имале делимично и во кралската Југославија а и потоа, за време на титовата. Сега имаме и три епархии надвор од “Македонија“, ама со нив не може да управуваме, ние сме самоуправувачи, односно сме власт само во територијата на Северна Македонија и без право да ползуваме изведени имиња од типот македонски, македонско и сл. …нешто како реплика на Преспанскиот договор. Интересно ќе биде да им се видат лицата на нашите “патриоти од еден-два долари“ во прекуокеанските земји, како ќе реагираат кога на литургија ќе го слушнат името на српскиот патријарх Порфириј, како наш, македонски покровител и пастир…добро, може би некои тоа и го сакаат!
Проклетството на данајските дарови нема крај. Сега ни го нудат името Охридска или нешто врзано со Охридската архиепископија, со намера да се разбудат ниските страсти кај бугарскиот клир. Не верувам дека тоа ќе се случи, дури ни со намеса на рускиот Патријарх Кирил-Гундјаев, прононсиран агент на КГБ. Тој прв ја поздрави одлуката на Вартоломеј, одлука антимакедонска и антибугарска, одлука која ја етаблира српската црква на Балканот како вистинска духовна сила. Бугарските свештеници добро ги проучиле фанариотите, уште од пред формирањето на Егзархијата и нема да се фатат на таа јадица. Не верувам дека било кој бугарски црквенодостојник би сослужувал со македонски владика, ако нашиот се произнесе како легитимен наследник на Охридската архиепископија. Впрочем, и во Уставот на БПЦ, Охридската архиепископија е посочена како еден од извориштата на бугарската црковна самобитност.
Вартоломеј вели дека “сѐ што прави, прави во согласност со молбата упатена до него од МПЦ“ и дека тој само ја констатира состојбата. Од Светиот синод на МПЦ молчат, никој не говори за никакво писмо до Вартоломеј. Писмо сигурно има. Кој е тој кој го напишал писмото, кој е тој кој оставил еден народ без своја црква, кој е тој кој од еден слободен народ (па макар и од 1944 година) направил, неслободен, автономен народ. Тоа било популарно во времето на ВМРО кога сме сакале да бидеме автономни под Султанот, но тогаш сме имале некакви задни, резервни намери…разбира се, Султанот нѐ прочитал! Тоа е нашата прва трагедија со автономијата. Втората ни ја приредија идеите на Димо х. Димов со неговото дело “Назад кон автономијата“, преполно со илузии и неостварливи идеи. Од само делимичната реализација на неговите идеи, ние сеуште сме под окупација, материјална и духовна…резултат на стерилна автономија или изневерени и неостварливи илузии!
Денес во посета на Македонија треба да дојде српската премиерка Брнабиќ. Добре ни дошла. Нека разговара со Tаче, за проблемите со Софија. И србите ги чека тоа искушение со човековите права во Западните покраини и воопшто со човечките права во Србија. Утре, на 19 мај 2022 година, архиепископот Стефан ќе има сослужение со српскиот патријарх Порфириј во велелепниот храм “Св. Сава“ во Белград. Тоа треба да биде чинот на официјализирано сослужение, де факто, чин на изгубената слобода и автокефалност, чин на робска потчинетост изразена преку слободната волја на архиепископот Стефан и целиот македонски клир. Славиме дека веќе не сме расколничка црква, ама влегуваме во раскол со народот македонски. Од тој миг, враќање назад нема. Остануваме без сопствена црква, без пазител на духовноста на оние кои се во верата Христова кај нас. Шеесет и пет изгубени години во борба, за конечно да се добие помалку од она кое сме го имале. Го загубивме името, ја загубивме и црквата и духовноста. Брнабиќ ќе дојде, ќе разговараме за добрососедство, проекти и заедништво. На пат сме и да ја загубиме и државата. Тоа е конечниот резултат од нашата борба со Данајците и нивните отровни дарови за нас, изгубените и заборавени тројанци/вулгароси! Тоа сме ние за нив.
Ни останува проблемот за идентитетот кој треба да се решава со “татарите“ во Софија. Се надеваме на помошта на Европската Унија за надминување на проблемот и очекуваме “здружените сили на цивилизираната Европа, да ги поразат азијатските татари“. Нашите надежи се во постоењето на “петтата колона“ во бугарската политика и меѓу интелигенцијата таму, ама веројатноста за победа е мала. Прво ние не се трудиме доволно, не сме напишале некакви писма како МПЦ до Вартоломеј, а во меѓувреме ја загубивме и црквата. Кој ќе сака да му помогне на еден народ во потрагата по неговиот идентитет, ако тој народ си ја загубил духовната идентификација. Ќе бидеме признати само од Белград и Москва. Во моментов тоа некои и го посакуваат, ама на долги патеки, тоа е вистинско проклетство. Нам ни треба идентитет верифициран од Брисел и државност потврдена од Европската Унија. Без согласноста на Софија, тоа нема да биде возможно.
Од 1944 година наваму, помешана е нашата свест за себе сѝ и за опкружувањето во кое се наоѓаме. Реалната ситуација е алармантна, а црквата прва ги разбра работите и бара засолниште, онаму каде ќе ја примат. Дали црквата од носител на нашите традиции, како што самата се претставува, ќе стане гробар на нашата државност и духовност?
Дали се ова првите сигнали дека нешто се случува со државата, дека сите ние одиме кон едно непосакувано финале…или посакувано!?

