| |

Во системот и надвор од него – кога се негува подобноста, а се казнува вредноста

Facebook статус на Никица Корубин

Објективноста е клучна работа при анализа на било која тема. Но, притоа објективноста не ја исклучува страста, која води до вистината. А, таа пак, вистината е секогаш тешка за сите, бидејќи кај неа нема тактизирање, калкулирање, додворување или премолчување. И токму затоа најчесто е заобиколена. И баш поради тоа, го презираме општеството во кое живееме, гневни сме на неправдата, ама одбиваме да се соочиме со вистината.

Порталот Умно објави текст за состојбата на Катедрата за Историја на уметност со археологија и опасноста таа да згасне сама од себе, поради недостаток на било каков кадар, а не па соодветен. И вели текстот уште во самиот наслов “Институтот за историја на уметност и археологија на респиратор – за 5 години ќе остане само со тројца професори”. Просто неверојатно за земја која толку се “грижи” за културното наследство и идентитетот. Но, дали всушност, несвесно уште на почеток се кажува вистината, дека катедрата “е во сериозен проблем” и до сега, со овој (не)постоечки кадар, без притоа да се посочи очигледното: механизмот по кој се влегува во било која државна институција?

И тој “механизам” ме остави и мене, како студент, а потоа и како магистер на таа катедра, Институтот за археологија и историја на уметност, заедно со многу мои колеги, надвор од системот. А, надвор од системот е речиси невозможно, било што сериозно да се придонесе во областа. Тоа што најдобрите студенти од мојата генерација, “завршија” секаде, освен каде што треба е позната и сложена животна приказна на многумина, и од оваа и од било која друга област.

Системот беше и е отворен, не за најдобрите, туку за подобните, жаргонски “нашите деца”, подобни по различни основи (непотизам, кронизам, клиентелизам, елитизам, партизам). И тоа е добро позната вистина, премолчувана од “подобните”. А, бидејќи ние сме општество на “подобните”, и оваа вистина секогаш останува “забранетата тема”.

Но, она за што се молчи, не значи дека не постои. И особено дека не постои на секој чекор, во секоја област, на секоја позиција, произведувајќи погубни последици. И тоа е базичната дефиниција за “заробено општество”, како основа за “заробената држава” како егзегутива на општеството кое суштински припаѓа на оние кои имаат пристап до системот. Без разлика дали тој систем е Катедрата за историја на уметноста и археологија, некоја друга катедра, некој друг факултет, академија, министерство, агенција, комора, синдикат, фирма или општина.

Принципот и моделот е ист. Системот е достапен не за сите, туку само за некого, ама не по принцип на меритократија, туку по принцип на подобност. Со други зборови, “стартната позиција” за градење на било каква кариера или егзистенција е драстично различна, односно флагрантно дискриминаторска. Таа нееднаквост е потоа modus operandi за сите текови и процеси во општеството, и исходот кој го гледаме денес.

И затоа текстот е некомплетен на начин на кој е некомплетна било која тема, која се отвора површно, а не суштински. Со интересен додаток, кој особено важи за “идентитетските катедри”, за која постои дополнителна “селекција” на кадри, кои ќе го чуваат пристапот и наративот, на она што е културата, историјата и традицијата на Северна Македонија. Кој пак додаток е исто така “достапен”, во друга партократска и државотворна форма и за други катедри (примерот на Правниот факултет и нивното стратешко учество во и околу партиите).

И затоа за да дојдеме до одговорот на прашањето зошто Катедрата е оставена без кадар, треба најпрво да се даде одговор на прашањето: а, како се станува “кадар” и до сега, како ултимативна привилегија? Затоа што “кадарот” освен што е лична судбина е и воедно судбина на државата. Истата онаа држава од која не сме задоволни, ама за “кадрите” кои ја креираат одбиваме да говориме.

И од овој заробен круг мораме да излеземе. Со соочување со самите себе и меѓу себе. За да дојдеме до одговорот: кој има пристап до системот, за да го гради или руши истиот? Или пак да го чува вака замрзнат. И покрај докторатот кој бев принудена да го повлечам, од истата катедра, поради очигледното “затворање на сите врати”, јас од грижата за културното наследство никогаш не се откажав, во секоја прилика, на секој начин и во секоја достапна форма, во или надвор од системот, во кој единствено бев за време на пратеничкиот мандат.

И тоа е мотото и пораката, на сите кои го живеат потешкиот и суштински неправеден начин. И таа вистина сите ја знаат, и оние во системот и оние надвор од него. Сите сме свесни кој и како влегува во него, и кој и на каков начин е држен надвор од него. Ама, последиците се драстични и фатални за сите подеднакво, како општество и држава.

И затоа и оваа приказна за Институтот за историја на уметност и археологија е всушност приказна зошто Северна Македонија е (само)блокирана на патот кон ЕУ. Кому ЕУ му треба, а кому не. За конечно сите да бидеме еднакви во сопствената држава. Во функционален систем, каде квалитетот ќе биде вреднуван, а не казнет.

И тоа е највисокиот национален интерес. А, на секој од нас е, искуството да го преточиме во вистината со која конечно мораме да се соочиме. Вистината ослободува, овој пат и фактички, освен метафорички. За да не остане метафората за “заробената држава” единствената вистина во која ќе продолжат да живеат малкумината, и преживуваат повеќемината.



Слични Објави