|

Финансиската упадна во градежна фирма од Охрид поради затајување данок – буџетот оштетен за 4 милиони денари

Финансиската полиција до Основното јавно обвинителство Охрид поднесе кривична пријава против градежна фирма и нејзиниот сопственик за даночно затајување.

„Првопријавениот во својство на сопственик, управител и овластено лице на банкарските сметки на второпријавениот правен субјект Друштво за градежништво, проектирање, консалтинг и надзор Е КОНСТУКЦИОН ЕМ ДООЕЛ увоз-извоз Охрид, во периодот 2019-2020 година, со намера да се стекне со противправна имотна корист за себе и правниот субјект, во поднесениот даночен биланс за даночење добивка за 2019 година не пријавил приход во износ од 21.962.859 денари и не пријавил остварена добивка во износ од 20.310.211 денари“, објави Финансиската полиција.

Со тоа, како што се наведува, тој одбегнал да плати данок на добивка по пресметковна стапка од 10 % во износ од 2.031.032 денара и дополнително, со намера да стекне противправна имотна корист од банкарските сметки на правното лице, извршил пренос на парични средства во вкупен износ од 22.085.000 денари на свои лични банкарски сметки. За тоа, како што велат од Финансиската полиција ,немал економска оправданост, ниту обезбедил соодветна документација со која би се оправдале префрлените парични средства во сметководството на фирмата. Парите истиот или наредниот ден по префрлањето ги подигал во готово, односно противправно ги присвоил лично за себе и не пресметал и не уплатил персонален данок од доход по пресметковна стапка од 11,11 % во износ од 2.453.643 денари.

На тој начин пријавените предизвикале штета на буџетот во вкупен износ од 4.484.675 денари по основ на данок на добивка и персонален данок на доход, се наведува во соопштението на Финансиската полиција.



Слични Објави