Fitch го потврди кредитниот рејтинг на Бугарија „BBB+“ со стабилна перспектива
Меѓународната агенција Fitch Ratings го потврди долгорочниот кредитен рејтинг на Бугарија во странска валута на ниво „BBB+“ со стабилна перспектива, јавува БГНЕС.
Рејтингот ја одразува стабилната надворешна и фискална позиција на земјата, како и „сигурната политичка рамка“, поддржана од членството во Европската унија и еврозоната. Воедно се посочува дека нестабилните коалициски влади и честите избори во последните години го забавуваат спроведувањето на реформите. Според агенцијата, доходот по жител ќе остане понизок во споредба со земји со сличен рејтинг доколку се задржат сегашните стапки на раст.
Стабилната перспектива значи дека, според Fitch, „обновената внатрешнополитичка неизвесност и надворешните геополитички ризици нема да го попречат солидниот економски раст“, ниту ќе доведат до значителни макроекономски или фискални дисбаланси. Надворешните финансии остануваат силна страна, и покрај зголемениот дефицит на тековната сметка.
Како ризици за намалување на рејтингот се наведуваат можни макроекономски дисбаланси, забавување на растот поради неповолни политички случувања, како и „значително зголемување на односот на јавниот долг кон БДП“ во среднорочен период.
Потенцијално подобрување на рејтингот би можело да се очекува при „одржливо зголемување на политичката стабилност и институционалниот капацитет“, како и при намалување на дисбалансите и побрз економски раст, поддржани од структурни реформи и ефикасно користење на средствата од ЕУ.

