Фон дер Лајен: Користењето на замрзнатите руски средства е најдобриот начин за финансирање на Украина
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен инсистираше дека користењето на замрзнатите руски средства за финансирање на нов заем е „најефективниот начин“ за финансирање на Украина. Таа претстави и други опции по противењето од страна на Белгија, јавува БГНЕС.
Унијата од 27 држави се бори да обезбеди средства за да му помогне на Киев да ги пополни надвиснатите буџетски дупки, додека војната на Русија продолжува веќе четврта година.
Комисијата на Фон дер Лајен предложи план за користење на средствата на руската централна банка, кои се блокирани во Белгија, за генерирање „заем за репарации“ во износ од 140 милијарди евра за Украина.
Досега, сепак, овој план се соочува со отпор од белгиската влада, која стравува од правни последици од страна на Москва, пренесе АФП.
„Работиме во тесна соработка со Белгија и со сите земји-членки на различни опции“, изјави Фон дер Лајен пред европратениците.
Таа остана категорична дека планот за замрзнатите средства – според кој ЕУ „одобрува заем за Украина, кој Украина го отплаќа ако Русија плати репарации“ – останува најдобриот избор.
„Ова е најефективниот начин да се поддржат одбраната и економијата на Украина. И најјасниот начин да ѝ се покаже на Русија дека времето не е на нејзина страна“, изјави претседателката на Европската комисија.
Фон дер Лајен изложи уште две други опции, доколку овој план не добие зелено светло.
Првата е да се искористи флексибилноста во централниот буџет на ЕУ за прибирање средства на капиталните пазари, а втората – земјите членки да се договорат заеднички да ги обезбедат средствата.
Службеници и дипломати од ЕУ предупредуваат дека и двата плана би довеле до поголеми трошоци за државите во момент кога националните буџети се под притисок.
Дипломати изјавија дека со претставувањето на овие планови Фон дер Лајен се обидува да изврши притисок врз Белгија да се согласи со користењето на замрзнатите средства.
Претставници на ЕУ соопштија дека сакаат да постигнат договор за планот за финансирање на Украина на самитот на лидерите на блокот во декември.

