Тренчевска: Само со навремено изрекување мерки ќе го превенираме фемицидот како најтежок акт на насилство врз жените
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денеска, се обрати на конференцијата „Фемицид во Северна Македонија и Западен Балкан – Меѓународни стандарди и практика на судовите – презентација на извештаи“. На конференцијата поздравно се обратија и Билјана Брејтвејт, програмската директорка за Западен Балкан, центарот AIRE, Викторија Аврамовска-Мадиќ, заменик-министерката за правда на Северна Македонија, Наташа Габер-Дамјановска, директорката на Академијата за судии и јавни обвинители на Северна Македонија, Ендрју Бранд, раководителот на програмите во британската амбасада во Северна Македонија.
Тренчевска своето обраќање го почна истакнувајќи го деценискиот предизвик – семејното насилство. Министерката ги посочи своите заложби и заложбите на претставниците на институциите и граѓанскиот сектор во борбата со родово базираното насилство. Таа истакна дека и покрај гласното говорење, постојаната едукација, покрај променетиот институционален пристап, унапредување на законската рамка, законската обврска за должно внимание со кое треба да се пристапува кон секој случај, спроведување голем број кампањи за подигање на свеста, сепак насилството врз жените и понатаму е присутно.
„Факт е дека мојата должност како министерка е креирање политики. Политики што се засновани на истражувања и на директни контакти со оние на кои таа политика им е наменета. Оттука, заедно со моите колеги и колешки од Министерството се трудиме да сме во директна комуникација со жените зашто нивните приказни, специфични потреби и предизвици се оној темел врз кој сакаме да го креираме и да го приспособуваме системот за превенција и заштита од насилство врз жените“, рече Тренчевска.
Таа потсети и на кампањата „Гласна и храбра“, која беше спроведена во март од страна на Министерството за труд и социјална политика. Министерката сподели дел од приказните што биле споделени за време на кампањата.
„На тој карван слушнавме за присилно затварање дома и за оневозможување една жена да заработува, слушнавме за жени сезонски работнички, на кои, по напорен ден, им се одземени парите со закани од страна на сопругот алкохоличар, слушнавме за акутно насилство, на кое сведоци се децата, и за гладни непроспиени ноќи и изнемоштени раце, кои не може да се грижат за семејството“, изјави Тренчевска.
Министерката истакна дека причината за непријавување на насилството е стравот на жртвите, но и недовербата во институциите, случаи, кои, според неа, се сведува на фемицид или убиство на жените.
„Во 2019 година, од вкупно 5 убиства при семејно насилство, 3 случаи се фемициди, во 2020 година од 4 убиства при семејно насилство, 3 се фемициди, во 2021 година од 5 убиства при семејно насилство, 3 се фемициди. Во 2022 година, за жал, бројката се зголемува и од вкупно 7 убиства при семејно насилство, 6 се фемициди. И оваа година во само првиот квартал сме се соочиле со 3 фемициди, а од неодамна имаше уште 2 случаја“, рече Тренчевска.
Таа повика на поголема меѓусекторска соработка и навремено изрекување на мерките по пријавено насилство како од страна на центрите за социјална работа така и од страна на судовите истакнувајќи дека тоа е единствениот начин да се намали или превенира фемицидот како најтежок вид насилство врз жените.