|

(Фото) Секој ден метеж на булеварот кај ФОН и кај МЗТ – Скопје, скопјани губат трпение

„Целиот град го прекопаа, се задушуваме во прашина, општинарите ништо не работат, да не чекаат избори“ и „штом во 6 часот наутро има метеж, што да зборуваме за 8 или 9“, се само некои од коментарите на граѓаните што живееат или, пак, работат во фирмите што се лоцирани во општина Гази Баба, поточно на потегот кај поранешната фабрика МЗТ – Скопје.

Со години тесно грло на градот е булеварот што ја спојува општина Аеродром со Гази Баба, на потегот од мостот „Близнак“ па сè до надвозникот кај „Пивара“.

Колони автомобили може да се забележат уште рано наутро во работните денови, а возачите се случува дестинацијата од еден километар да ја поминуваат и по еден час.

Булеварот долго време е во изградба, еднаш се асфалтира, но повторно беше прекопан кога почна градбата на зградите во близина на универзитетот ФОН.

Семафорите пред универзитетот со години не се во функција, а семафорот кај „Бриколаж“ исто така е проблем за скопјани – сите возила што од Маџари преку пругите сакаат да поминат покрај МЗТ – Скопје за да се вклучат на булеварот, кој е главната артерија на овој дел од градот, долго чекаат во колона.

Поради нервозата, многу често се случуваат и сообраќајни незгоди, а надлежните упорно го занемаруваат овој голем проблем за скопјани, но и за сите оние што преку овој дел од градот се обидуваат да излезат преку Автокоманда и да ја напуштат метрополата.

„Макфакс“ испрати прашања дали постои начин за побргу да се заврши реконструкцијата за да се намали метежот, но од таму до моментот на објавување не дадоа ниту коментар ниту образложение со кое темпо ќе се реализира таа.

 



Слични Објави