Франс прес: Бугарија се претвора во „батеријата на Балканот“
Бугарија бележи брз раст на батериските системи за складирање електрична енергија, паралелно со проширувањето на соларните капацитети, во услови на суша што го отежнува производството на електрична енергија во Источна Европа, наведува Франс прес во анализа, пренесува БТА.
Во земјата веќе работат околу сто објекти за складирање, а според Министерството за енергетика нивната вкупна моќност во септември изнесува околу 5,7 гигавати. Во рамките на европскиот план за закрепнување се склучени договори и за проекти со капацитет за складирање од 14 гигаватчаса.
Во јули и август Бугарија остварила нето-извоз на електрична енергија од околу 830 гигаватчаса месечно, повеќе од двојно над просекот во мај и јуни. Во јули најголемиот извоз бил кон Романија, а вредноста на нето-преносот преку границата била околу 74 милиони евра.
Дел од инфраструктурата на ТЕЦ „Марица-исток 3“, која значително го намали производството од јаглен по истекот на долгорочниот договор во 2024 година, веќе се користи за батериска инсталација.
Според експерти цитирани од Франс прес, брзиот развој на батериските капацитети ја зголемува флексибилноста на бугарскиот електроенергетски систем и може да го олесни преминот кон обновливи извори. Сепак, ограничениот прекуграничен пренос и релативно краткиот период на складирање значат дека батериите не можат да надоместат подолготрајни прекини во производството на електрична енергија.
