| |

Фрлена ракавица

Facebook статус на Никица Корубин

Додека се посегнува по сите финти на толкување и повикување на членот 7 и дефиницијата во договорот на терминот “Македонија” во Преспанскиот договор, за (зло)употреба на сопственото уставно име, во искрена или намерна провокација; владата во најава уште неизбрана, експресно ја губи можноста да се нарече “проевропска”, а уште помалку “про-ЕУ”. Топтан со мнозинската коалиција. Дури и декларативно. Дали целосно ќе ја загуби, зависи исклучиво од нив самите.

Што на тест ги става албанските коалициони партнери ВЛЕН, кои предизборниот услов да влезат во влада и власт која уставните измени ќе ги има за приоритет, изборно ги претопија во грејс период од шест месеци, свесно превземајќи го товарот на мантрата “барање гаранции и преговори”, на штета на сопствениот кредибилитет; за да го стопат целосно (кредибилитетот и европската агенда) со целосно потчинување на вољата на најголемиот коалиционен партнер; кој безмилосно им ја “фрли ракавицата” со изборот на конкретни министри за конкретни ресори. Ним и на сите нас како граѓани.

Па, така покрај формализираното антибугарство преку неизгласувањето на уставните измени, преку формализираното антихеленство преку неизговарањето на сопственото уставно име, се дојде до крајната цел, формализирано антиалбанство преку потчинување на албанството на “српскиот свет”. Кога веќе македонството доброволно го ставаат на располагање. Трите темелни договори, за функционалност и опстанок на Северна Македонија како современа, граѓанска и европска и евро-атлантска држава, сите влезени во преговарчаката рамка и стратешкиот однос со САД свесно се компромитираат.

Дали има дилема како ќе се одговори на “фрлената ракавица” или единствената дилема е дали таа само (не)свесно се прифаќа? Но прифаќањето (беспоговорно) на овој “жежок костен” може да означува крај на уште незапочната политичка агенда, кариера (во ново руво) и добра намера. Правилата, етиката и стандардите се јасни за ликот на влада на НАТО членка и ЕУ кандидат, подеднакво за сите нејзини лични и колективни чинители. Оттаму, црвената линија која се преминува уште на самиот почеток, е опасност за сите, ама одговорот го должат засегнатите, особено најгласните ЕУ промотори. Декларативните и суштинските.

Затоа што освен што ВЛЕН декларативно се прогласија за чувари на “ЕУ патот”, иако практично успеваат да направат “грешки во чекори” или грешка во секој нареден чекор со двосмисленото поведение “едно говорам, ама друго правам” за власт по секоја цена, хендикепирани со предизборна анти-ДУИ мантра, како да превидуваат дека нивното “ДУИ во опозиција” нема никакви допирни точки со шовинистичкиот анти-албански параван “ДУИ во опозиција” синхронизирано употребуван од македонските партии. Па, оттаму како да ја забораваат силата и моќта која ја имаат со претставувањето на граѓаните Албанци во парламентот, таа врзивна и суштинска нишка, што и е животно неопходна на Северна Македонија низ овие триесетина години независност и тежок пат до влезот во НАТО и пред портите на ЕУ.

Но, што всушност вели тој член 7, според кој “произлегува вековното право” на про и пост југословенското (Република) Македонија? Освен што говори за објаснување на разбирањето на терминот “Македонија”, а не името на државата, говори и со јазикот на официјалната историја на двете држави, што на никој начин не го исклучува другото и различно разбирање на тој термин. Со други зборови, Македонија може да означува и “словенска и хеленска”, но не може едната да има монопол над другата, што дефакто се демонстрира со именувањето на државата како “(Република)Македонија”. Што употребата ја прави “демонстрација на превласт”, а не “демонстрација на право”.

Идентично како што правата на Албанците, од (компромитираниот) устав и меѓународниот правен поредок (заштитата на Охридскиот Договор), се пренесува во фактичката превласт на “македонски” и “Македонија” над Албанците. Краток е патот од граѓанска и мултиетничка држава во квази-национална, а особено со замижувањето пред “фрлената ракавица” длабоко од “српскиот свет”. Или Отворен Балкан им звучи попрефинето на досегашната про-европска власт, а сегашна опозиција?

“Фрлената ракавица” може да означува провокација, може да означува немоќ, но може да означува и “сламка за спас”. Се’ зависи од политичката свест, визија и интегритет. Од разбирањето на нештата, контекстот и иднината. Но, пред се’ од изворната намера за постапување или непостапување. Да видиме кој во овој врзан политички круг, со избрзани, а можеби и изнудени потези, има моќ да провоцира, нема моќ да прави нешто или само бара “сламка за спас”? За себе или за другите, времето ќе покаже, можеби и побрзо од “шесте месеци за уставни измени”. Која обврска доследно ќе ги чека сите. Лажните и вистинските Европејци.

СТАВОВИТЕ И МИСЛЕЊАТА ИЗНЕСЕНИ ВО РУБРИКАТА „ПОЗИЦИЈА“, НЕ СЕКОГАШ СЕ ИЗРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА ПОРТАЛОТ „ТРИБУНА“

Слични Објави