Габриел: Бугарија мора да зборува со еден глас за поддршка на Украина
„Посетата на претседателот Володимир Зеленски е многу важна, дали мислите дека навистина не нѐ набљудуваат во ЕУ за тоа како сме во хармонија со нашата надворешна политика на внатрешен план? Сигурна сум дека тоа се важни моменти кои не остануваат незабележани“, изјави за bTV вицепремиерката и министерка за надворешни работи на Бугарија Марија Габриел.
„Значи, за да продолжиме со приоритетите, Шенген, еврозоната, најмногу сакам Бугарија да биде партнер кој не се оправдува, туку поставува насока и носи факти со себе“, додаде таа.
„Бугарија мора да зборува со еден глас за поддршка на Украина“, рече Габриел.
Таа објасни дека украинскиот претседател дошол во Бугарија на покана на Владата, бидејќи од извршната власт зависи каква помош ќе ѝ се пружи на неговата земја.
„Мораме многу јасно да ставиме до знаење дека е важно Бугарија да испрати сигнал дека може да зборува со еден глас како што тоа го прават парламентот, извршните и претседателските институции, и тоа е она што би сакала да се случува почесто. Со тоа што ќе зборуваме во еден глас, потоа нема да си го поставуваме прашањето кој кого го поканил, туку ќе зборуваме за интересот на државата, за позиционирањето на Бугарија како активна членка на Европската Унија и НАТО, со што се менува перцепцијата на многумина, не само во Европа, туку и во светот, дека Бугарија може да биде рамноправен партнер“, изјави уште вицепремиерката Габриел.

